Панелисти на Светскиот образовен форум во Лондон заедно со министерката беа министерот за образование, наука и истражување на Маурициус, Сукон Кавирај Шарма и директорот за образование и вештини на ОЕЦД, Андреас Шлихер. Македонија има Стратегија за паметна специјализација која дефинира области каде имаме потенцијал за развој, најважен ресурс за остварување на дефинираните цели е човечкиот капитал и токму во таа насока го обликуваме образованието, истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на Светскиот образовен форум што се одржува во Лондон, каде е говорник на панел дискусија за влијанието на стручното образование врз економскиот раст.
„Стратегијата за паметна специјализација нé насочува кон дигитална и зелена транзиција во областа на паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електро-машинска индустрија, и одржливи материјали и паметни згради. Во овие области е потребен стручен кадар и затоа сме фокусирани на унапредување и промоција на средното и високото стручно
образование“, рече Јаневска. Министерката информираше дека средното стручно образование во Македонија е целосно модернизирано, се применуваат модуларни наставни програми, има добро обучени наставници, а во едуцирањето на учениците учествуваат и компаниите.
„Во 2017 година воведовме концепт на дуално образование, односно учење преку работа и тој постојано се проширува. Компаниите се вклучени во развојот на практичните вештини кај младите и денес во македонските средни стручни училишта учат 70% од вкупниот број на средношколци“, рече Јаневска, потенцирајќи дека и во високото образование фокусот е насочен кон техничките науки, но дека постои простор за продлабочување на соработката помеѓу универзитетите и бизнис секторот. Панелисти на Светскиот образовен форум во Лондон заедно со министерката беа министерот за образование, наука и истражување на Маурициус, Сукон Кавирај Шарма и директорот за образование и вештини на ОЕЦД, Андреас Шлихер. Оваа година форумот е посветен на прашања поврзани со развојот на инклузивни, одговорни и отпорни образовни системи кои поттикнуваат правичен и одржлив социо- економски раст. Извор: Новинска агенција МЕТА