Овој Закон нуди поедноставено работно ангажирање, заштитувајќи го воедно пристапот до стекнатите права од системот на социјална заштита или други права како пензија, надоместок по основ на невработеност или стипендии, велат во ГИЗ и ЦИКП. Нашата земја направи исчекор и усвои модерно, инклузивно и праведно решение за формализирање на непријавениот труд. Со Законот за работно ангажирање на лица се поставува формална рамка за препознавање и заштита на илјадници лица ангажирани за сезонска, привремена или повремена работа кои се надвор од системот за правна и социјална заштита. Ова е заеднички став на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП). Преку заедничко соопштение, оттаму оценуваат дека лицата ангажирани во секторите земјоделство, угостителство, туризам и услугите во домаќинството, традиционално се соочуваат со несигурни работни услови, без потпишани договори, платено боледување или родителско отсуство, здравствено осигурување, или додатоци на платата.
„Овој Закон нуди поедноставено работно ангажирање, заштитувајќи го воедно пристапот до стекнатите права од системот на социјална заштита или други права како пензија, надоместок по основ на невработеност, или стипендии. Пензионерите, студентите, и лицата во социјален ризик ќе можат формално да бидат работно ангажирани без да ги изгубат стекнатите социјални и здравствени придобивки. „Изработен како школски пример за како се развива јавна политика на основа на докази, овој закон ги пресретнува современите потреби на пазарот на трудот, и ги формализира работните ангажмани овозможувајќи ја неопходната заштита за ангажираните лица. Истовремено, овој закон нуди можност за брза и лесна пријава на работниците, проширувајќи го пристапот на работодавачите до работна сила која во моментов недостига на пазарот на трудот“, изјави д-р. Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП Скопје.
Агенцијата за вработување на Република С. Македонија ќе биде задолжена за управување со информацискиот систем за пријава и одјава на работно ангажираните лица, додека даноците и другите давачки ќе бидат спроведени преку Управата за јавни приходи. „Прилагодувањето на информацискиот систем ќе се реализира со донаторска поддршка од страна на Германската развојна соработка. „Новото законско решение носи можност за излегување од сивата економија и поголема сигурност за многу работници во земјава. ГИЗ со гордост ја поддржа оваа реформа, која овозможува фер и безбеден пристап до пазарот на труд за сите, a особено за сезонските и повремените работници. Сметаме дека ова е значаен придонес кон посоцијално праведно и економски одржливо општество“, истакна Давид Оберхубер, директор на ГИЗ Северна Македонија. Извор: Новинска агенција МЕТА