Американскиот претседател Доналд Трамп го осуди убиството на двајца вработени во израелската амбасада пред Еврејскиот музеј и рече дека „омразата и радикализмот немаат место во САД“. Трамп го осуди нападот преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека убиствата биле јасно мотивирани од антисемитизам.
„Овие ужасни убиства во Вашингтон, кои јасно се засноваат на антисемитизам, мора да престанат, сега! Омразата и радикализмот немаат место во САД. Сочувство до семејствата на жртвите. Тажно е што може да се случат такви работи. Господ да ве благослови сите“, напиша Трамп, пренесе Ројтерс. Двајца вработени во израелската амбасада, маж и жена, се убиени во пукање пред Еврејскиот музеј во Вашингтон, а осомничениот е уапсен, соопштија безбедносни извори. Портпаролот на израелската амбасада Тал Наим Коен потврди дека двајца службеници биле застрелани додека присуствувале на еврејски настан во музејот, пренесува Еј-би-си Њуз. Тој додаде дека амбасадата има „целосна доверба во надлежните органи“ во САД и повика на брза истрага.