Израелскиот претседател Исак Херцог изјави дека е „скршен“ од убиството на двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон.
„Ова е гнасен чин на омраза, на антисемитизам“, напиша тој на X. „Нашите срца се со најблиските на убиените, а нашите молитви се со повредените.“ Тој додаде дека ја испраќа својата „целосна поддршка“ на персоналот во амбасадата и е со еврејската заедница во САД.
– Америка и Израел ќе останат обединети во одбрана на нашиот народ и нашите заеднички вредности. Теророт и омразата нема да нè скршат – пишува тој. Министерот за надворешни работи Гидеон Сар изјави дека Израел нема да му се предаде на тероризмот, пренесува Си-eн-eн.
„Ужасни вести утрово за шокантниот терористички напад во кој загинаа двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон“, напиша Сар на социјалните мрежи. Сар изјави и дека разговарал со американскиот амбасадор во Израел Мајк Хакаби, кој му изразил сочувство и го информирал дека „интензивна истрага е во тек“.