Нино Васев и Мери Пешевска од Оддел дојка и Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, двајцата од Одделот за бели дробови се четворицата обвинети лекари за несоодветно лекување на пациенти на скопската Клиника за онкологија. Од скопското Јавно онбвинителство на денешната прес-конференција соопштија дека се покренати две обвиненија, едно за финасиски злоупотреби и второто за несоодветно лекување на 29 пациенти, за што покажале медицинските вештачења од Србија и Словенија. „Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите. Опфаќа четворица лекари онколози. Прв обвинет е поранешниот директор на Клиниката, се товари дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на болни. Другите се товарат за несовесно лекување на болни. Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил неподобен начин на лекување, со тешкото го нарушил здравјето на пациентите.
Во дел од случаите му било ова овозможено од вториот обвинет кој му дал факсимил и податоци за влез во системот. Другите двајца лекари се обвинети за несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории, се утврдува дека одредувале лекови од новите генерации, во фаза кога било очигледно дека пациентот нема да има корист поради лошиот статус, без да се наведе висината без да се наведе висината и тежината на пациентот, со отстапување од дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба“, додаде обвинителката Гоговска-Јакимовска.
Првиот предмет е за финансиски злоупотреби „Предметот е поделен на два дела, првото обвинение се однесува не економското работење на клиниката – опфаќа две лица. Првиот медицински директор, вториот економски директор. Тие се гонат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата. Делата ги сториле од 2018 до 2022 година. Тие со дејствијата прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот. Исто така, двата се обвинети за измама, па во вршење на службена должност, го довеле до заблуда Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата. Набавувале лекови на реверс, без да постои правен основ на тоа. Потоа правеле постпаки за јавни набавки, кои биле без предметни, бидејќи добавувачите ги фактурирале претходно добавените лекови. Со вакви противзаконити дејствија, креирале противправни обврски на Фондот“, рече Ана Гоговска-Јакимовска, обвинителка во случајот “Онкологија”.
„Фокус“ пред година ипол го отвори скандалот „Онкологија“ , каде што на површина излегоа сите злоупотреби, кои низ годините биле правени на оваа скопска клиника. Објавивме и дека дел од пациентите биле несоодветно лекувани. Скандалот Онкологија е најголемата здравствена афера, која ги откри сите аномалии на здравствениот систем, а тоа посебно на нозе ги крена сите, со оглед на тоа што се работи за најтешко болни пациенти, чиј живот зависи од таа скапа биолошка терапија, каде што само една ампула чини од 2.000 до 8.000 евра. Веднаш по написите на „Фокус„ на 1 септември, Единицата за организиран криминал и јавен обвинител упаднаа на клиниката, од каде што изнесоа компјутери и бројна медицинска документација. За само неколку денови се закажаа протести, на кои излегоа бројни луѓе за да го изразат својот револт. Повеќето од нив со јавноста ги споделија своите страшни патешествија.