Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека е шокиран од ужасното, антисемитско убиство на двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон. Нетанјаху, исто така, рече дека им наредил на израелските дипломатски претставништва ширум светот да ја зајакнат безбедноста, се вели во соопштението од неговиот кабинет, пренесе Ројтерс. Претходно, израелскиот претседател Исак Херцог го нарече убиството на двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон грозоморен антисемитски терористички напад и додаде дека Израел стои со еврејската заедница во САД.
„Америка и Израел секогаш ќе бидат обединети во одбрана на нашите народи и заеднички вредности. Нема да дозволиме теророт и омразата да нè скршат“, рече Херцог. Министерот за надворешни работи, Гидеон Сар, изјави дека Израел нема да му се предаде на тероризмот, пренесува Си-ен-ен.