Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со делегацијата на Уставниот суд на Република Хрватска, предводена од претседателот на судот, Мирослав Шепаровиќ, во придружба на претседателот на македонскиот Уставен суд, Дарко Костадиновски. Соговорниците, како што соопштија од Кабинетот, оцениле дека со оваа посета, којашто се реализира по дведецениска пауза, се обновува меѓусебната соработка што треба да продолжи, да се интензивира и продлабочи, заради размена на искуства и учење едни од други. Претседателката укажала дека Уставниот суд треба да делува како четврта власт, односно медијатор меѓу трите власти.
На средбата се дискутирало и за хрватското искуство со Уставниот закон за Уставен суд, како и проблемите врзани за отсуството на законско регулирање на уставно-правните прашања кај нас. Хрватските уставни судии искажале подготвеност да помогнат во забрзувањето на македонскиот евроинтегративен процес, истакнувајќи ги бенефитите од членството како за членките, така и за ЕУ. Заблагодарувајќи се за поддршката, претседателката Сиљановска-Давкова истакнала дека хрватските лекции од процесот на евроинтеграциите може да бидат драгоцени за нас.