Воведени се привремени ограничувања за пристигнување и заминување на авиони на аеродромите Домодедово и Жуковски во Московскиот регион, соопшти денеска Росавијација.
– На аеродромот Домодедово од 09:54 часот по московско време се воведени привремени ограничувања за пристигнување и заминување на авиони – се прецизира во соопштението на Росавијација, пренесува ТАСС. Истата мерка се применува и на аеродромот Жуковски. Претходно, во текот на ноќта и претпладнето, на Домодедово двапати беа воведени рестрикции и беа на сила вкупно околу три часа. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, денеска соопшти дека системите за противвоздушна одбрана одбиле напад на два дрона кои летаат кон Москва.
„Силите за противвоздушна одбрана одбија напад на две беспилотни летала кои летаат кон Москва“, напиша Собјанин на Телеграм. Руските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта соборија 105 украински беспилотни летала во десет руски региони, соопшти руското Министерство за одбрана. Според соопштението, над Московскиот регион биле соборени 35 дронови.