Од ЕВН Македонија информираат дека од 1 до 30 април годинава, биле потрошени 478.528 Mвч струја, додека во истиот лански период потрошувачката на струја била 415.594 Квч, што грубо пресметано значи дека априлската потрошувачка на струја годинава е зголемена за околу 20 отсто. Најстудено било во вторник 8 април со минимални -2°Ц и максимални 9°Ц. Мај ја ситни и третата декада, а граѓаните не можат да се згреат. По априлските мразови, нè налегнаа дождовите, кои не престануваат веќе три недели, а се најавуваат нови за наредната недела. Во Скопје, радијаторите се студени уште од 15 април, кога официјално заврши грејната сезона, но студот од домовите се „брка“ со греалки, клими и инвертери, кои се пуштени на најјако. Дел од граѓаните велат дека почнале да го ситнат и огревното дрво, кое го набавиле за следната зима, што значи дека есеноска ќе мора да купуваат дополнителни количини. Од ЕВН Македонија за „Слободен печат“ информираат дека од 1 до 30 април годинава, биле потрошени 478.528 Mвч струја, додека во истиот лански период потрошувачката на струја била 415.594 Квч, што грубо пресметано значи дека априлската потрошувачка на струја годинава е зголемена за околу 20 отсто. Најстудено било во вторник, 8 април, прецизираат од ЕВН.
-Најголема потрошувачка е регистрирана на 8.4.2025 (вторник) и изнесува 21.220 MВч, а тоа е и еден од најладните денови овој период, со минимални -2°Ц и максимални 9°Ц, измерени на скопскиот Аеродром, што значи дека тој ден потрошувачката на струја била речиси двојно зголемена во однос на ланскиот просек за април – 13.853 МВч и за 70 отсто повеќе од ланскиот 8 април (8.536 Мвч) – појаснуваат од ЕВН за нашиот весник. Како најголемо консумно подрачје, овој тренд го следи и Скопскиот регион, кој за овој период има вкупна потрошувачка од 184.410 MВч или во просек 6.147 Mвч. Граѓаните реагираат дека сега не мислат за сметките за струја, бидејќи мора да се згреат.
– Имаме бебе дома, температурата мора да се одржува константно. Овие два месеци ќе платиме повеќе, бидејќи климите и греалките се нон-стоп вклучени. Парното беше исклучено на 15 април, а има станови со мали деца и постари луѓе, кои мора да се загреат – вели една жителка на Аеродром. Оваа година зимата се продолжи, се согласува една жителка од скопската населба Влае.
-Куќите не се загреани и поради ниските температури моравме да ложиме и во текот на април, а и во некои постудени денови од мај. Пред еден месец го потрошивме ланското набавно дрво и нарачавме нова залиха за идната година, но и од неа почнавме да грицкаме. Во дел од собите пуштаме и клима, којзнае каква ќе биде сметката – додава таа. Што се однесува до мајската потрошувачка на струја според податоците на ЕВН од 1 до 20 мај е регистрирана потрошувачка од 243.653 Mвч.
-Најголема потрошувачка е регистрирана на 16 мај (петок) и изнесувала 15.465 Mвч, бидејќи ова бил и еден од најладните денови овој период, со минимални 8°Ц и максимални 14°Ц, а се измерени на скопскиот Аеродром. Минатата година вкупната потрошувачка на електрична енергија, за истиот период изнесувала 254.281 Mвч, што значи дека и ланскиот мај бил студен. Просечната дневна потрошувачка за тој период била 13.383 Mвч – објаснуваат од ЕВН. Премиерот Мицкоски тврди дека неделниот струен испад е од надворешен фактор
Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека не е точно дека се случуваат испади на домашната енергетска мрежа, а конкретниот испад во минатонеделното утро бил поради надворешен фактор.
-Минатиот викенд во неделата наутро меѓу 5 и 6 часот изутрината се случи испад поради зголемени напонски прилики на далноводот кој ги поврзува Врање и Штип. Причината беше што наместо 400 КВ напонска состојба, имало 460 КВ, односно 15 отсто зголемени напонски прилики со што се активирала заштитната мрежа. Нормално беше дека тој далновод се исфрли од функција, а така функционира системот секаде во Европа. Заначи тоа што дел од Македонија остана без струја, не беше поради нашите внатрешни технички перформанси, туку тоа е она што го добивме однадвор – објасни Мицкоски. Тој откри и дека за време на велигденските празници бил исклучен еден од блоковите на РЕК Битола, на барање од соседна Грција, која имала намалена потрошувачка, а зголемено производство на енергија од фотоволтаиците за кои се знае дека се нестабилен извор на енергија.
-Да се вратиме малку наназад кога бевме во позиција и кога предупредувавме да не се дивее, да не се даваат прекумерни согласности за инсталирање на ваков тип на производствени капацитети, бидејќи ќе се соочиме со сериозни проблеми, не поради нас, туку поради регионалните прилики. Најголемиот консум на струја кој го има Македонија е во зима, во втората половина на јануари, меѓу 18 и 20 часот и тоа е 1,5 ГВ, а техничкиот капацитет на мрежата е околу 3,5 ГВ, или околу два пати повеќе. Е, сега во моментот имаме барања за инсталирање на 9,5 ГВ, што е три пати повеќе од техничкиот капацитет и шест пати повеќе од тоа што го трошат граѓаните – детализираше Мицкоски. Тој порача дека некои поранешни раководители на МЕПСО за да издадат лиценци, барале мито и тоа се истражува.
– Тешко е за докажување, но го истражуваме. Сончевите денови допрва доаѓаат, напонските прилики ќе бидат уште повеќе предизвикувачки, но граѓаните треба да бидат спокојни – додаде премиерот.