Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираат на најавата на СДСМ дека нема да го поддржат изборот на Трајко Славески за гувернер на Народната банка. Оттаму велат дека од СДСМ го обвинувале предлогот на претседателката Сиљановска-Давкова за гувернер дека бил „теснопартиски”, а заборавиле дека претседател на политичка партија, претходничка на нивната СДСМ, во 2004 беше назначен за гувернер на НБРМ непосредно по вршењето на функцијата министер за финансии во влада предводена од СДСМ.
„Господинот Петар Гошев, кој, исто така, претходно бил пратеник во Собранието на Република Македонија во два собраниски состави, остана на гувернерската позиција цели 7 години. Исто така, сакаме да ги потсетиме СДС дека професорот Трајко Славески своевремено во раните 1990-ти години остро го критикуваше грабежот на општествениот капитал што го изврши тогашното раководство на СДС, во полза на македонските олигарси. Со тоа стотици илјади работници останаа без работа и без средства за егзистенција. Во тој период, штитејќи ги правата на работниците за праведна приватизација, професорот Славески беше неформален советник на тогашното раководство на Сојуз на синдикатите на Македонија. Синдикалното гласило „Трудбеник” во 1995 година го прогласи за „економист на годината”“ наведуваат од владејачката партија.
Професорот Славески, како што додаваат, секогаш се залагал за унапредување на општиот интерес и бил во служба на напредокот на Република Македонија, наспроти интересите на тесни групи за интерес.