Во врска со написот под наслов „Нова минидепонија близу Железничка – двоседи, веце школка, искршени контејнери…“, ЈП Комунална хигиена-Скопје се согласува со наведените факти дека: „Глетката е ужасна за место во центарот на Скопје како што е ова, последица од несовесните граѓани кои го фрлаат кабастиот отпад среде тротоар и ги кршат контејнерите“. Во овој контекст би сакале да ве информираме дека екипите ЈП Комунална хигиена-Скопје ги празнат контејнерите поставени на јавни површини со истата динамика како во цела измината деценија, седум пати во неделата согласно Оперативниот план за собирање и транспортирање на комуналниот
отпад донесен од Советот на град Скопје.
Ова може јасно да се види и на објавените фотографии, каде што контејнерите на посочената локација се ПРАЗНИ, но во нивната непосредна околина се непрописно одложени големи количини на кабаст и градежен отпад. Екипите на ЈП Комунална хигиена Скопје кои ги празнат садовите, го
чистат и метат просторот на микролокацијата на контејнерите. Во случај на истата локација да има неправилно одложен кабаст или градежен отпад, екипите на Претпријатието НЕМААТ надлежност да го подигнат истиот, ниту пак располагаат со специјално комунално возило за таа намена. Тоа е
обврска на општината и градоначалникот на општината, што е видно и од повиците на скопските општински градоначалници во изминатите месеци граѓаните во рамките на организирани акции да исфрлаат кабаст и градежен шут.
Состојбата на терен е таква што ВОНРЕДНО само во текот на 2024 година екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале 22 194 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје. Исто така, би сакале да напоменеме и дека ЈП Комунална хигиена Скопје НЕМА ингеренции да ги казнува прекршителите на Законот за јавна чистота, истото може да го прави исклучиво заедно со инспекторатот на град Скопје, бидејќи инспекторатите на општините НЕ излегуваат на терен и НЕ ПОСТАПУВААТ.