Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Гинтер Кирхбаум денеска изјави дека Берлин мора да ја продолжи политиката на санкции против претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
– Ситуацијата е многу кревка, бидејќи постои извесен Милорад Додик кој, заедно со своите следбеници во РС, спроведува политика на поделба на БиХ, истакна Кирхбаум на дебатата во Бундестагот за продолжување на ангажманот на германските војници во Мисијата ЕУФОР во БиХ. Тој додаде дека германскиот Парламент не може да прифати такво однесување и оти треба да продолжи со санкциите против Додик. Германија го поддржува европскиот пат на БиХ, но потребни се реформи за тоа, не поради Брисел или Берлин, туку и поради граѓаните на БиХ, посочи Кирхбаум. Во Бундестагот денеска се дебатираше за продолжување на учеството на германските војници во мисијата ЕУФОР за уште една година, а актуелниот мандат истекува во јуни.