„Солуција“ и „Замисли“ продолжуваат со карванот граѓански дебати „Кажи си ја маката“ низ Македонија. Овој пат со Штипјани и граѓаните од Источниот регион разговараа за нивните најгорливи проблеми, но дискутиравме и за решенија. Апатијата кај граѓаните е голема и затоа граѓанскиот активизам треба да е многу конкретен во сите пораки коишто се пренесуваат, и решенија и иницијативи што се нудат. Иселувањето на младите е најгорливиот проблем, корупцијата, партизацијата и клиентелизмот го испразнија Истокот, истакнаа граѓаните на вчерашната дебата „Кажи си ја маката“ што „Солуција“ и „Замисли“ ја организираа во Штип, во Домот на млади. „Корупцијата пополека нѐ убива сите, и иако велиме дека нема граѓански отпор, јас мислам дека отпор сепак има, но тој е пасивен. Па, поочигледно искажување на револт од заминувањето на младите луѓе во странство, има ли?“, рече Невенка Лонгурова Гирова, директорка на Фондацијата за развој на локалната заедница во Штип.
Таа додаде дека како организација постојат веќе 20 години и досега имаат правено повеќе истражувања околу тоа кои се најголемите проблеми за граѓаните. „Од она што го имаме лоцирано како проблеми во 2005 година – низок стандард, корупција, здравство, образование, урбанизам, итн. – денеска можеме слободно да направиме copy-paste, ништо не е променето. Ние на локално ниво се “. Никола Писарев, долгогодишен граѓански активист, сега дел и од тимот на Граѓанската сила „Замисли“, во рамки на настаните што досега „Замисли“ и „Солуција“ ги организираа во Струмица, Велес, и сега најновиот во Штип, прави анкети и интервјуа со граѓаните од најразлични социјални, образовни, професионални и други профили, и го истакнува следново: „Во градовите постојат специфични локални проблеми и генерални проблеми, што се во принцип секаде исти – партизација, корупција, лошо здравство, лошо школство, запоставена култура… Но, една страшна работа што ја откривам е дека, толку сме навлезени во корупцијата, што сега таа се вгнездила и во самите политички партии, внатре во нив. Ако порано имало каква-таква внатрепартиска битка за најквалитетните кадри да испливаат за одредени политички и неполитички позиции и места, сега оној што ќе му даде најмногу мито на шефот на партијата, тој ќе го добие местото пратеник, директор, шеф на некоја служба и сл. Се случува тотална дисперзија на корупцијата и нема друг начин за борба против тоа, освен да разговараме, да се здружуваме, да притискаме, да се бориме за остварување на било каква мала победа, којашто ќе нѐ мотивира за понатаму“.
Дека не е сѐ безнадежно и загубено во македонското општество, посочуваат и светлите примери на покажување интегритет и отпор кон обидите за партиско влијание и клиентелизам во областите каде што е и исклучително опасно тоа да се случува, како на пример цивилната воздухопловна пловидба. Јавноста го запозна пред две години Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори на летање, коишто заедно со своите колеги, обединето и заеднички настапија против обидите на тогашната владејачка гарнитура да протне свои кандидати на списокот за нови контролори на летање, а коишто не ги исполнуваа критериумите пропишани и верификувани од европски надзорни тела.
„Ние не смееме како фела, ама буквално не смееме да дозволиме неквалитет да продре во контролата на летање, затоа што грешките тука се плаќаат со стотици човечки животи. Ние мора да ги имаме најдобрите кандидати, без оглед дали некој е од една или друга партија, машко или женско, Македонец или Албанец… Но, партиите не престануваат со обидите да влијаат врз работата на нашата служба, и работите со секоја нова гарнитура, се сѐ полоши. Наше е да не отстапуваме пред никого и да дадеме пример, дека кога се граѓаните единствени и сплотени зад заедничка цел, кога прават притисок врз политичарите, дека вакви мали победи се можни. Токму затоа и се приклучив кон иницијативата на ‘Солуција’ и ‘Замисли’, да се обидеме со оваа граѓанска сила да ја вратиме вербата кај граѓаните и да ја ублажиме таа апатија што владее“.
Штипјанецот Мијалче Мики Минов, пак, е еден од оние млади медицински кадри коишто уште на почетокот од својата кариера во родниот град се соочил со партизацијата и корупцијата при вработувањето во јавното здравство. Разочаран од тоа, заминал во Англија, но како што вели, не се обесхрабрил, вложувал во себе, бил трпелив и упорен, и почнал да работи како радиолог, за да стигне до местото раководител на рендген-службата во престижната „Kings College Hospital“ клиника. Тој решава да се врати во Македонија, и покрај одличната позиција и статус што ги има во Англија, и во моментов сѐ уште е на релација Скопје – Лондон. „Се вклучив во ‘Солуција’ и ‘Замисли’ за да со целото мое знаење и искуство пробам да придонесам нештата да се подобрат во македонското здравство. Тука покренавме значајна дебата, каде што ги вклучивме практично сите засегнати страни, за да го смениме делот во регулативата што им дава големи дискрециони права на директорите во јавното здравство при вработувањата нови кадри. Направивме една предлог верзија на тие промени, доставени се и до ресорното министерство, каде што предлагаме како да изгледа процесот на селекција, од почетокот до крај, со цел да се изберат вистински најдобрите кандидати, а не тие за коишто партијата на власт одлучува.“, објасни Минов.
Огнен Вангелов, доктор на политички науки и универзитетски професор и исто така дел од „Замисли“, истакна дека партиите свесно и намерно оставаат во законите места за искористување на дискреционите права на донесувачите на одлуки, не само во здравството, туку во сите сфери. Постојат многу двосмислени членови што може да се толкуваат вака или онака и со тоа го овозможуваат клиентелизмот, корупцијата и трговијата со влијание. „И тоа така трае повеќе од 30 години, постојано се менуваат закони, но се менуваат така што да има повторно нови низи на дискрециони овластувања. И со секоја промена на власта имаме нов циклус на промени со коишто оние што се поставени да ги раководат институциите ги третираат како приватни бизниси. Партиите прават сѐ овој систем да остане на сила, односно да не се менува ништо“, вели Вангелов.