На фб-порталот „Аеродромци“ е објавен видео-запис каде што јасно се гледа како жители на оваа скопска општина одлагаат кабаст отпад во непосредна близина на контејнерите поставени од ЈП Комунална хигиена-Скопје. Го повикуваме в.д. градоначалникот на оваа скопска општина, наместо неосновани обвинувања упатени кон ЈП Комунална хигиена-Скопје, конечно да ги ангажира своите инспекциски служби и да започне со САНКЦИОНИРАЊЕ на прекршителите на Законот за јавна чистота.
Уште еднаш го потсетуваме Митевски дека екипите ЈП Комунална хигиена-Скопје ги празнат контејнерите поставени на јавни површини со истата динамика како во целата измината деценија, седум пати вонеделата, согласно Оперативниот план за собирање и транспортирање на комуналниот отпад донесен од Советот на град Скопје. Во случај на истата локација да има неправилно одложен кабаст или градежен отпад, екипите на Претпријатието НЕМААТ надлежност да го подигнат истиот, ниту пак располагаат со специјално комунално возило за таа намена. Тоа е обврска на општината и градоначалникот на општината.
Во изминатиот период е забележано МАСОВНО непрописно одлагање отпад, само во текот на 2024 година екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале 22 194 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје. Нека ја зачисти полу-градоначалникот општината од отпадот кој има обврска по закон да го собере откако сам ги повикуваше граѓаните да го фрлаат.