Дарко Јорданов, уредникот на радиото Стереолаб, потенцираше дека фестивалот има за цел да ги поддржи младите независни музичари и да поттикне чуство на заедништво. Програмата за овогодинешното издание на летната сцена „Славиша Кајевски – Млади за млади“ беше официјално претставена денес во Македонскиот народен театар, каде што беше истакната клучната порака: културата како двигател на солидарноста. Фестивалот оваа година ќе се одржи во два викенда – на 12, 13, 14 и 19, 20, 21 јуни, со почеток секоја вечер од 20:30 часот, а влезниците за фестивалот ќе бидат по 300 денари на ден каде публиката ќе слуша по неколку изведувачи. Дарко Јорданов, уредникот на радиото Стереолаб, потенцираше дека фестивалот има за цел да ги поддржи младите независни музичари и да поттикне чуство на заедништво. „Јас сум навистина задоволен од квалитетот на сите овие бендови, но навистина на скопскиот асвалт и на македонскиот асвалт постојат исклучително квалитетни луѓе. Подршката на Телеком и МНТ е многу важна затоа што најчесто се подржуваат комерцијални настани, независната сцена е многу важно да ја подржиме“, истакна Јорданов.
Фестивалот ќе го отвори „SPEYSD“, a потоа ќе настапат „FUNK SHUI“, кои Јорданов ги истакна како еден од најпопуларните бендови во државата. На втората вечер од првиот викенд ќе настапи Карла Левински а по неа рок бендот „Fiction“, кој минатата година го издаде албумот Лавиринт. Првиот викенд од фестивалот ќе го затворат „КЕМ“ со РНБ плоча, а потоа „ПОЕТРОНИКА“ – поетско-електронски перформанс на Оливер Митковски и Андреја Салпе, заокружен со диџеј-сет на Марко Иван Кочишки. Вториот викенд, 19 јуни, настанот ќе го отвори Мартин Џорлев, кој според Јорданов е еден од најталентираните музичари денес и ќе се претстави со нов проект „Животни“, а истата вечер ќе настапи и Елена Васова која неодамна го издаде својот прв сингл – „Пријател”. На 20 јуни, петок, бендот „Новиот почеток“ ќе го отсвират нивниот нов албум, а веднаш потоа ќе настапи МИЛКО, дел од „западноскопската“ рокенрол сцена. Фестивалот ќе го затворат „Vagina Corporation“, кој Јорданов ги пофали како регионално познат бенд и џез составот „Светлост“. Никола Кимовски, директорот на МНТ, истакна дека средствата собрани преку програмата ќе бидат наменети за хуманитарни цели во Кочани.
„Оваа година доаѓаме со нова енергија и свеж концепт, во соработка со „Стереолаб“, а со поддршката од Телеком го прошируваме опфатот и значењето на настанот. Средствата собрани преку програмата ќе бидат наменети за хуманитарни цели во Кочани – уште еден доказ дека културата може да биде двигател на солидарноста,“ изјави Кимовски. Летната сцена „Славиша Кајевски“ за прв пат беше отворена минатата година, а оваа година, шестдневната програма на летната сцена е во рамките на одбележувањето „80 години Македонски народен театар“. Извор: Новинска агенција МЕТА
