Worldcoin претставува иновативен обид за дигитална идентификација преку биометриски податоци, ветувајќи финансиска инклузија за сите. Сепак, неговиот пристап отвора сериозни прашања за приватноста, етичките норми и безбедноста на личните податоци. Дали сте робот? Сигурно досега многупати се имате сретнато со ова прашање кога пристапувате до некој сајт или социјална мрежа. Ваквиот филтер познат како reCaptcha на „Гугл“ го користат многу сајтови за да не бидат злоупотребени од ботови. Но, во светот на дигиталната технологија и криптовалутите се појави нова, далеку поконтроверзна форма на докажување дека сте човек: „скенирање“ на вашите очи преку мистериозната сребрена сфера позната како „ОРБ“ (Orb). Создаден од Сем Алтман, извршен директор на познатата комапнија „OpenAI“, уредот – „World Orb“ или само „ОРБ“ е дел од амбициозен крипто проект наречен „Worldcoin“, кој има за цел да изгради глобален систем за дигитален идентитет и да дистрибуира нов вид на крипто валута. И сето тоа да го прави со тоа што вие ќе ги дадете своите биометриски личнни податоци. Поддржувачите велат дека тоа би можело да го отвори патот за универзален основен приход и да помогне во разликувањето на луѓето од вештачката интелигенција во сè поавтоматизиран свет. Chat GPT го создава проблемот, Orb го решава Сем Алтман е добро позната личност во Силиконската долина, кој врвот на својата кареира го дочека како поранешен претседател на „Y Combinator“, еден од највлијателните стартап инкубатори во светот. Во 2019 година, тој презеде поголема јавна улога како извршен директор на OpenAI, истражувачката лабораторија зад ChatGPT и еден од клучните двигатели на сегашното движење на вештачката интелигенција.
Алтман е ко-основач на Worldcoin, заедно со Алекс Бланија, физичар и инженер кој сега е извршен директор на проектот, и Макс Новендстерн, поранешен инвеститор со искуство во развивање на програми. Триото го лансираа Worldcoin со премиса: да се создаде нова глобална дигитална валута што би можела да биде праведно распределена на секое лице на планетата. Не преку банки, туку преку биометриски идентитет. За да ја изградат инфраструктурата за оваа визија, тие го креираа стартапот „Tools for Humanity“ (TFH), технолошка компанија со седишта во Берлин и Сан Франциско, задолжена за развој на хардвер како што е „ORB“ и софтверските системи како „World App“ и „World ID“ потребни за работа на мрежата. Од своето основање, Worldcoin досега има собрано стотици милиони долари капитал од поддржувачи како Андерсон Хоровиц, Коинбејс Венчрс, па дури и Реид Хофман од Линкедин. Од самиот почеток, проектот се позиционираше на пресекот на новите технологии, финансиската инклузија и дебатата за тоа како да се управува со идентитетот во дигитална иднина водена од вештачка интелигенција. Во своите рани фази, Worldcoin привлече значителни инвестиции собирајќи 25 милиони долари во октомври 2021 година, по што следеа дополнителни 100 милиони долари во рок од шест месеци, со што проценката на токенот се искачи на 3 милијарди долари. Сепак, овој пристап предизвика критики за таргетирање на заедниците со пониски приходи и ги предизвика многумина да станат загрижени за заштита на приватноста.
И покрај овие предизвици, Worldcoin продолжи да се шири, со над 12 милиони корисници во повеќе од 100 земји од мај 2025 година. Проектот, исто така, се има соочено со регулаторен надзор, со истраги и суспензии во земји како Кенија, Шпанија и Хонг Конг.

Што е ОРБОТ? Орбот е уред со големина приближно колку топка за куглање, која што има скенер за вашето лице и вашата зеница. Внатрешно, Орбот содржи софистициран систем со две камери: камера со широк агол ја снима целата сцена, и телефото камера наменета само за вашите очи. Нема ниту звучник, нема начин за да ви даде повратни информации директно. Сè функцинира преку вашиот мобилен каде што прво ги поврзувате двата уреда преку Bluetooth за да може да започне процесот на скенирање. На вашиот мобилен ќе добиете информации дали скенирањето е успешно или не, а и дополнителни информации. Не станува збор за уред кој што може да даде повратна информација како например „Amazon Alexa“. Кога некое лице ќе погледне во орбот, таа снима детални слики од нејзините зеници и ги обработува овие слики користејќи напредни алгоритми за машинско учење за да генерира единствена нумеричка репрезентација позната како „код на зеницата“. Овој код служи како безбеден, анонимизиран идентификатор што ја потврдува единственоста на лицето без да ги складира вистинските биометриски слики. Процесот е дизајниран да биде брз и лесен за користење, обично бара само неколку секунди. Откако ќе се генерира кодот на ирисот, тој се споредува со постојните кодови во системот Worldcoin за да се осигури дека поединецот претходно не е регистриран, со што се спречуваат дуплирање на идентитети. Орбот ја извршува целата обработка локално и никакви сурови биометриски податоци не го напуштаат уредот освен ако корисникот експлицитно не се согласи на резервна копија на податоците за идна употреба.
Компанијата со орбот сакаат традиционалните системи за идентификација кои често се потпираат на документи како што се пасоши, возачки дозволи или лични карти, и коишто можат да бидат изгубени или фалсификувани, да бидат целосно заменети со дигитална идентификација.

Како функционира орбот? Во срцето на системот на Worldcoin е World ID, дигитален идентитет што ја зачувува приватноста и му се доделува на поединци по биометриска верификација. World ID функционира како дигитален пасош, овозможувајќи им на корисниците да ја докажат својата уникатност без да откриваат лични информации. WLD токен – По успешната верификација и креирање на World ID, корисниците добираат пристап за користење на токени на Worldcoin (WLD). Првично, корисниците добиваат дел од доделените WLD токени кратко време по верификацијата. Останатите токени се отклучуваат постепено во период од 12 месеци. World App е официјалниот дигитален паричник на Worldcoin и служи како примарен интерфејс за корисниците да комуницираат со нивниот World ID и WLD токени.
Глобалното воведување на Worldcoin е исполнето со различни регулаторни одговори. Додека проектот има за цел светско усвојување, многу земји веќе воведоа ограничувања или забрани поради загриженост во врска со приватноста на податоците и ракувањето со биометриски информации. Во САД, Worldcoin неодамна ги прошири своите услуги, лансирајќи во неколку градови и правејќи го токенот WLD достапен за сите корисници таму.

Колку чини и како може да се купи? Според Tools for Humanity, компанијата зад Worldcoin, лицата заинтересирани за купување на Орбот прво мора да уплатат депозит од 100 долари што може да се рефундира. Подоцна, на корисниците ќе им се даде можност да го купат или изнајмат уредот, иако конечната цена сè уште не е објавена. Компанијата изјави дека цените ќе ги одразуваат трошоците за производство, логистиката и регулативите за увоз. Се очекува испораката да започне уште во вториот квартал од 2025 година. Орбот не се продаваат во малопродажни салони или платформи за е-трговија. Наместо тоа, Worldcoin отвори водечка продавница на плоштадот Јунион во Сан Франциско, која им нуди на посетителите можност да ги регистрираат своите перуники, но не и да го купат уредот. Визијата на оваа физичка локација е да биде многу слична како проданиците на Ејпл (Apple). И покрај комерцијалниот интерес, Орбот не е широко достапен како нормален уред. Тој е дел од строго контролирана стратегија за воведување, обликувана од сложени правни, етички и технолошки размислувања. Таа реткост и ексклузивност може да бидат дел од она што го поттикнува интересот – но исто така придонесуваат кон контроверзноста. Македонија не е на листата на земји од каде што може да се нарача.
Цели и филозофија Примарната мисија на Worldcoin е да создаде универзално достапен систем за дигитален идентитет – World ID. Оваа иницијатива има за цел да ги разликува вистинските луѓе од ботови креирани со вештачката интелигенција, што е сè поголема загриженост бидејќи содржината генерирана од вештачка интелигенција станува сè пософистицирана. Значаен аспект на филозофијата на Worldcoin е олеснувањето на универзалниот основен приход (UBI). Сем Алтман предвидува иднина каде што продуктивноста водена од вештачка интелигенција би можела да генерира доволно богатство за да обезбеди основен приход за секој поединец. Иако Worldcoin се стреми да биде децентрализиран протокол, неговиот развој и работење се првенствено водени од Tools for Humanity (TFH), компанија ко-основана од Алтман. TFH беше инструментална во развојот на клучни компоненти како што се Orb и World App. За да се промовира децентрализацијата, Фондацијата Worldcoin беше основана како независен субјект за надгледување на управувањето и растот на протоколот. И покрај овие напори, дискусиите продолжуваат во врска со рамнотежата помеѓу централизираниот развој и целта за целосно децентрализиран систем. Додека компанијата тврди дека биометриските податоци се претвораат во хаш кодови и не се чуваат како сурови слики, застапниците за приватност тврдат дека секој биометриски систем може да биде ранлив на протекување или злоупотреба. Откако ќе се компромитираат, биометриските податоци не можат да се менуваат како лозинка.
Критичарите, исто така, изразуваат загриженост дека собирањето такви чувствителни податоци може да доведе до надзор или неовластено следење, особено во земји со слаби закони за заштита на податоците. Неколку земји веќе имаат преземено мерки против Worldcoin поради загриженост за приватноста и заштитата на податоците. Првата земја којашто го стори тоа беше Кенија Во август 2023 година. Кенија ги суспендираше активностите на Worldcoin, наведувајќи загриженост за приватноста и безбедноста на податоците. По Кенија веднаш дојде и Португалија каде што Португалскиот орган за податоци привремено го суспендираше Worldcoin, наведувајќи загриженост за заштитата на податоците за малолетници вклучени во процесот на скенирање на ирисот. Шпанската агенција за заштита на податоци му наложи на Worldcoin да ги избрише сите складирани податоци за ирисот, наведувајќи дека проектот ги крши прописите за заштита на податоците и нема потребни безбедносни мерки. Сферата на Worldcoin се наоѓа на раскрсницата на иновациите и контроверзиите. Од една страна, ветува дека ќе реши една од најсложените дигитални дилеми на 21 век: докажување сте човек. Нуди иднина каде што универзалниот дигитален идентитет би можел да го отклучи пристапот до глобалните финансии, правото на глас, па дури и до основниот приход. Но истата технологија што има за цел да го заштити идентитетот би можела исто толку лесно да го компромитира. Биометриските податоци се трајни – не можете да ги менувате вашите ириси како лозинка. За многумина, особено на недоволно регулираните пазари, идејата за скенирање очи во замена за криптовалута крева црвени знамиња околу надзорот, согласноста и дигиталниот колонијализам. Извор: Новинска агенција МЕТА