Поранешниот министер за финансии и професор на Економскиот факултет, со богато академско и реформско искуство, е предлогот на претседателката за нов шеф на монетарната политика. Собранието сега треба да одлучи дали Славески ќе ја преземе функцијата од Анита Ангеловска-Бежоска. Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, официјално го достави до Собранието предлогот Трајко Славески да биде новиот гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија. Во образложението на предлогот се истакнува дека изборот е резултат на внимателна проценка базирана врз стручност, компетентност, интегритет и реална можност за именување, при што беше потенцирано дека сите разгледани кандидати покажале висок квалитет.К
Како кандидати за гувернер се споменуваа и Зоран Ставрески кој, покрај Славески, е уште еден екс-министер за финансии во владите на пребеганиот Никола Груевски, а сега е советник на премиерот Христијан Мицкоски. Исто така, беше спомената како кандидат и сегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска. Инаку, Славески од локалните избори во 2021 година, кога на власт дојде градоначалничката Данела Арсовска, е советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во градскиот совет, а воедно е и претседател на Советот. Во јавноста ќе останат запаметени неговите јавни препукувања со градоначалничката на седниците на Советот откако односите меѓу партијата што ја поддржа и Арсовска се влошија во 2022 година.
Инаку, Славески е јавна личност со децениска експертиза и богато искуство на крстосницата меѓу академијата и политиката. Професор на Економскиот факултет и поранешен министер за финансии, тој зад себе има прилично големо реформско досие. Образован во САД како добитник на Фулбрајтова стипендија, студирал на врвни универзитети како Харвард и Калифорнискиот државен универзитет, каде, како што самиот ќе рече во едно интервју, „не може со блеф, има критериуми и стандарди“. Во јавноста е познат како еден од клучните автори на антиинфлаторната програма во 90-тите години и како учесник во носењето на суштински економски реформи, меѓу кои се и оние за воведување на ДДВ, рамниот данок, концептот бруто-плата од почетокот на 2009 година, но и трансформацијата на Заводот за платен промет. Пред да стане новиот македонски гувернер, Собранието треба да го излагаса предлогот на претседателката Сиљановска-Давкова. Извор: Новинска агенција МЕТА