Поранешниот шеф на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска ја осуди неодлучноста на Европската унија кога станува збор за санкциите против Израел, додавајќи дека владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е „влада со геноцидни намери“.
„Ова е религиозно најфанатичната влада што Израел некогаш ја имал. Кога ќе слушнете што велат и ќе видите што прават, нема сомнеж дека има геноцидна намера. Не знам дали Нетанјаху ќе биде суден, но разочарувачки е да се види дека една земја во Европа го пречекува со големи почести“, рече Борел во интервјуто за шпанската програма „Hora 25”. Борел посочи дека, доколку се утврди дека Израел ги прекршил човековите права, Европската комисија може да предложи ограничување на трговските односи со Тел Авив, додавајќи дека ЕУ „има моќ“ да влијае на Израел.