Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес во Приштина изјави дека ЕУ почнала постепено да ги укинува мерките против Косово.
„Како знак на нашата посветеност, можам да објавам дека ЕУ почна постепено да ги укинува мерките воведени во јуни 2023 година. Оваа одлука отвора пат кон поголеми можности за развој на Косово и поблиска поврзаност со Европа“, рече таа на прес-конференција. Таа рече дека лично учествувала во убедувањето на земјите-членки на ЕУ да ги укинат мерките против Косово.
„Јас лично ги убедувам земјите-членки дека мора да ги укинеме мерките против Косово, но некои велат дека Косово мора да го почитува Охридскиот договор и дека ескалацијата на север не е во согласност со тоа. Ние сме подготвени да преземеме наши чекори, но навистина треба да видиме деескалација на север“, рече таа. Таа не прецизираше кога започнало укинувањето на мерките, ниту кои мерки се укинати досега, но додаде дека оваа одлука „отвора врата кон поголеми можности за развој на Косово, но и за поблиски врски со Европа“. Шефот на европската дипломатија ги повика парламентарните партии во Косово на соработка со цел надминување на политичката блокада во земјата. Калас изјави дека Европската Унија е подготвена да го поддржи Косово, но дека политичките лидери мора да ги остават настрана поделбите и да ја приоретизира иднината на Косово.
„Формирањето на ново Собрание и нова Влада е клучно за стабилноста, развојот и европската иднина на Косово“, рече Калас.