На 22 мај 2025 година, објавени се податоци што ја менуваат глобалната слика на стратегиското вооружување. Русија сега официјално располага со 5.459 нуклеарни боеви глави, наспроти 5.177 на САД. Оваа пресвртница, обележана во годишниот извештај на Федерацијата на американските научници (ФАС) од март годинава, ја разгорува веќе вжештената трка во вооружување меѓу двете нуклеарни суперсили. Со вкупно 12.331 нуклеарни боеви глави во светот – од кои 88% се во рацете на Москва и Вашингтон – балансот на силите станува сè понестабилен, а глобалната безбедност повторно се враќа во сенката на Студената војна. Овој развој ги отвора прашањата: што значи ова за меѓународниот поредок, дали следува нова ескалација, и кој ќе го зададе следниот потег?
Рускиот арсенал брои 4.500 боеви глави, наспроти 3.800
американски
Од рускиот арсенал, околу 4.500 боеви глави се во активни воени резерви, подготвени за распоредување на интерконтинентални балистички ракети (ICBM), нуклеарни подморници и стратешки бомбардери. Останатите се наменети за демонтирање. САД, од друга страна, располагаат со 3.800 боеви глави во воени резерви, од кои 1.419 се стратешки распоредени – број потврден во последната официјална декларација според договорот СТАРТ III.
И токму тука се отвора прашањето за транспарентност и предвидливост: Русија го суспендираше учеството во СТАРТ III во февруари 2023 година, оставајќи ја меѓународната заедница со сè помал увид во реалниот обем на нејзиниот нуклеарен капацитет. Иако двете земји формално се обврзаа да ги почитуваат границите на договорот до 2026 година, отсуството на проверливост само ја зголемува недовербата – и ризикот од нова стратегиска конфронтација.
Трката во вооружување се вжештува
Овие бројки ја истакнуваат растечката тензија во глобалната нуклеарна политика. Според податоците на Здружението за контрола на оружјето, глобалните нуклеарни арсенали се намалуваат побавно отколку во претходните децении, додека воените залихи, напротив, се зголемуваат. Кина, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Обединетото Кралство активно ги зголемуваат своите нуклеарни капацитети, додека Франција и Израел одржуваат стабилен број боеви глави. Во извештајот на ФАС се нагласува дека Русија и САД паралелно ги модернизираат своите нуклеарни сили, развивајќи нови хиперсонични ракети и напредни системи за испорака на боеви глави, што предизвикува зголемена загриженост за почетокот на новата глобална трка во вооружување. За потсетување Русија беше и останува најголемата нуклеарна сила во светот, а исто така се смета дека ги поседува најсофистицираните системи за доставување на ова оружје до саканата адреса. Едно време, СССР спроведуваше генерални проби за Третата светска војна. Никогаш од крајот на Студената војна, можеби од Кубанската ракетна криза, светот не дебатирал толку интензивно за можноста за нуклеарна војна.