На четвртиот ден од надзорната расправа во Собранието на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“, имаше свое обраќање заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кој ги наведе мерките што се преземаат за да се намали влијанието на аерозагадувањето врз јавното здравје, за да се изгради средина која ќе биде поздраво место на живеење, особено за најмладите, односно децата.
„Во фокусот на Министерството за социјална политика, демографија и млади се иновативни, одржливи и енергетски ефикасни решенија, коишто директнио влијаат не само во заштита на најмладите, меѓутоа и во заштита на животната средина од тој аспект, ако сега располагаме со објекти кои се греат на нафта и нафтени деривати, дел имаше за жал до пред неколку години со дрвен материјал, да истите се заменуваат со најмодерни ефикасни системи за загревање, односно тие панели енергетски ефикасни објекти и замена на целиот систем за загревање, односно најефикасни и најмодерни топлотни пумпи овозможуваат загадувањето да биде на нула ефект“, вели Велковски. Истакна дека ќе се продолжи со тоа темпо и ги потенцираше објектите кои се енергетски ефикасни, со вградени фасади со фотоволтаични својства кои штитат од ПМ честички, како и дека министерството се насочува кон проекти кои вклучуваат зелените технологии, паметни системи за мониторинг и проекти кои водат кон нулта емисија на локални загадувачи.
„15 градинки во 15 општини имаат термоизолација на ѕидови, подови и кровови, користат еколошки извори на енергија и имаат механичка и природна вентилација, со филтрирање на воздухот. Морам да потенцирам дека почнувајќи од 2024 година, стратегијата која се однесува на човечки капитал 24-27 каде што се опфаќа и Министерството за социјална политика, демографија и млади, се залага за не само опција, односно варијанта која што можат да ја изберат општините, односно Министерството, за обнова на нашите објекти и изградба на објекти за детска заштита, туку станува и обврска да се вклучат целосно залените технологии, да се имплементират паметни системи за мониторинг и да има нула емисија на локални загадувачи, односно да бидат дел од самиот систем на објектот“, рече Велковски.