Американскиот претседател Доналд Трамп и се закани на Европската Унија со воведување на царини од 50 проценти за увоз на стоки, почнувајќи од 1 јуни 2025 година. Во објава на неговата платформа Трут сошал, Трамп ја критикува ЕУ, тврдејќи дека е „формирана со примарна цел да ги искористи САД во трговската помош“ и дека е „многу тешка за соработка“. Тој потенцира и дека разговорите со нив „не водат никаде“. Трамп ги обвини ЕУ за „силни трговски бариери, ДДВ, апсурдни казни за корпорациите, нетарифни бариери, монетарна манипулација, неправедни и неосновани тужби против американски компании“.
Според него, овие практики довеле до трговски дефицит со САД од над 250 милијарди долари годишно, што тој го смета за „целосно неприфатливо“. Како одговор на ова, Трамп препорача воведување на „рамна царина од 50 отсто за Европската Унија“, со исклучок на производите произведени или склопени во САД. Новата закана на Трамп доаѓа само неколку часа пред најавените разговори меѓу европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович и американскиот трговски претставник, Џејмисон Грир. Двете страни, како што пишуваат светските медиуми, се обидуваат да најдат заедничка основа и да избегнат отворена трансатлантска трговска војна.