Собраниска делегација учествуваше на 3. издание на Марaкeшкиот економски парламентарен форум за Евромедитеранскиот регион и Заливот, организиран од страна на Парламентарното собрание на Медитеранот (ПАМ), кој се одржа во Марaкeш, Мароко на 23 и 24 мај 2025 година. Делегацијата беше предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, во состав со пратениците: Сали Мурати, Дафина Стојановска и Калтрина Беќири. Пратеникот Сали Мурати активно учествуваше во сите три сесии на форумот, давајќи значаен придонес во дискусиите за клучните прашања на економската соработка во регионот. На првата сесија: Еволутивен пејзаж на меѓународната трговија и финансии во Евромедитеранскиот регион, пратеникот Мурати истакна три клучни правни предизвици кои ја определуваат меѓународната трговија:
- Правната сигурност како фундаментален предуслов за економски просперитет;
- Регулаторната конвергенција за намалување на „невидливите бариери”;
- Парламентарниот надзор над трговските договори за зајакнување на транспарентноста и демократската легитимност.
Беше предложено усвојување на „медитерански принципи за правна сигурност во трговските односи” за воспоставување минимални стандарди за правна заштита и регулаторна транспарентност во Регионот. На втората сесија: Енергетска адаптација во Евромедитеранскиот регион, беа истакнати три суштински правни димензии:
- Правото на енергетска безбедност како фундаментално човеково право;
- Прекугранична регулаторна соработка за хармонизирање на енергетските регулативи;
- Транспарентност во енергетските договори за спречување корупција и обезбедување јавна доверба.
Беше предложено усвојување на „медитеранска декларација за транспарентност и добро управување во енергетскиот сектор”. На третата сесија: Вештачка интелигенција и нејзино управување – Зајакнување на парламентарната свест за развој, примена и регулација на ВИ, се обрати пратеникот Мурати, кој истакна три принципа за пристапот кон вештачката интелигенција:
- Уставна заштита на човековото достоинство како непопустлив стандард;
- Проактивна парламентарна контрола наместо реактивна регулација;
- Правна одговорност и отчетност со јасно дефинирани механизми.
Од страна на Мурати беше предложено Парламентарното собрание на Медитеранот да усвои нацрт-резолуција за основните принципи на парламентарна контрола над развојот и употребата на ВИ технологиите. Учеството на Собраниската делегација на овoj значаен регионален форум ја потврди посветеноста на нашата земја кон меѓународната соработка и активното учество во обликувањето на правната рамка за економски развој во Медитеранскиот регион. Преку конструктивните придонеси во дискусиите, нашата делегација ја истакна важноста на правната сигурност, транспарентноста и парламентарниот надзор како столбови на одржливиот економски развој и демократското управување.