Јавниот обвинител е незадоволен од одлуката и бара од Апелацискиот суд да ја преиначи во ефективен притвор, бидејќи цени дека со поблага мерка не може да се гарантира непречено водење на кривичната постапкa, соопштија денеска од ОЈО. Основното јавно обвинителство Скопје вложи жалба на решението со кое Основниот кривичен суд Скопје определи мерка куќен притвор за двајца обвинети во предметот “Онкологија”, соопштија денеска оттаму.
„Јавниот обвинител е незадоволен од одлуката и бара од Апелацискиот суд да ја преиначи во ефективен притвор, бидејќи цени дека со поблага мерка не може да се гарантира непречено водење на кривичната постапкa. Имајќи предвид дека со двете поднесени обвиненија на обвинетите им се ставаат на товар повеќе тешки кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, како и другите околности кои укажуваат на опасност од бегство, мерката куќен притвор не претставува доволно ефикасна заштита“, се наведува во соопштението. Пред два дена, Јавното обвинителство соошти дека екс директорите на Клиниката за онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, се обвинети за злоупотреба, измама и проневера.
„Предметот „Онкологија“ е поделен на два дела – првото обвинение е за економското работење на клиниката и овде се опфатени две лица, екс медицинскиот директор д-р Нино Васев и организацискиот директор Нехат Нухи од Клиниката за онкологија, кои се обвинети за злоупотреба на службената положба, измама и за проневера на службата. Во периодот од 2018 до 2022 година, тие постапиле спротивно на Законот за здравствена заштита, на Закон за јавни набавки и прибавиле имотна корист за друг и нанеле штета од над 2,2 милијарди денари, информира денеска на прес-конференција обвинителката Ана Гоговска Јакимовска.
Како што информираа оттаму, тие го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата за добавувачите на лекови, со што биле прибавени 430 милиони денари. Обвинетите, во врска со биолошката активна терапија, набавувале лекови на реверс без да постои основа за тоа, а за тоа спроведувале јавни набавки. Без комплетна документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите за тие набавки. На тој начин организацискиот директор присвоил лекови од клиниката, за кои прибавил имотна корист од 13 милиони денари
Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите. „Првообвинет е екс директор на клиниката, кој се товари дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни. Со медицинските вештачења се докажа дека кај 29 пациенти тој употребил неподобен начин на лекување и со отстапување во дозирање и давал лекови со кои тешко го нарушил здравјето на пациентите. Второобвинетиот и други двајца лекари се обвинети за несовесно лекување болни, оти од лековите што ги давале пациентите немале корист“, додаде обвинителката. Извор: Новинска агенција МЕТА