Денескa Македонија го слави Денот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј. По тој повод политичарите испратија јавни честитки, во кои нагласуваат дека преку нивната посветеност и визија, светите браќа го отвориле патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќил многу генерации и го зачувал нашиот глас низ вековите. Во чест на денот, денеска се одржа молебен во црквата Сан Клементе во Рим, каде што се наоѓа државно-црковна делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност. Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден денес“, пишува во честитката од Сиљановска-Давкова. Честитка по повод денешниот ден испрати и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој вели дека делото на Св. Кирил и Методиј е вкоренето во националната и културната историја на нашата држава.
„Нивната мисија не била само образовна, туку била и визија за еднаквост, за почитување на различноста и за напредок преку образование и знаење. Ние, и сите идни генерации, имаме обврска да го почитуваме и негуваме наследството кое Светите Кирил и Методиј ни го оставија. И горди сме што покажавме дека се грижиме за нашето културно наследство, за нашиот македонски јазик. Во периодот на владите на СДСМ беа донесени храбри и државнички одлуки, благодарение на кои денес македонскиот јазик е признат и рамноправен во Обединетите Нации и во Европската Унија“, наведено е во честитката на Филипче.
По повод овој ден, честитки упати и премиерот Христијан Мицкоски, кој кажа дека на достоинствен начин се негува животот и делото на светите браќа. „Нивната благородна мисија обединува и денес. Тие се темелот на писменоста на словенските народи и основачи на словенската азбука Глаголица по која се создаде и кирилското писмо, е доказ дека нивната благородна мисија и ден денес обединува. Браќата Кирил и Методиј уште тогаш ја промовирале визијата дека силата на еден народ и држава е во образованието и науката и неговата писменост. Благодарение на нивната духовност, посветеност, денеска и ние можеме да ја развиваме сопствената култура, образование и наука на мајчиниот јазик“, пишува во честитката на Мицкоски.
Честитка истпрати и министерката за обрзование и наука Весна Јаневска. „Ова е време за образование кое младите ќе ги научи и обучи за новите предизвици, не заборавајќи ги вредностите на вековното наследство. Училиштата да бидат простор каде што коегзистираат науката, технологијата и се негува историската меморија“, вели таа. Извор: Новинска агенција МЕТА