Шефот на Пентагон, Пит Хегсет воведе нови ограничувања за движењето на новинарите во зградата на американското Министерство за одбрана и побара новинарите да имаат официјално одобрение и придружба кога се наоѓаат во ходниците, каде што е неговиот кабинет. Според новите правила, новинарите треба да бидат придружувани и при посета на канцелариите на службата за односи со јавноста и на другите воени оддели. Тие мора да потпишат и документ за заштита на „чувствителни информации“, што критичарите го сметаат за можен изговор за цензура на новинарските извештаи.
Новите правила се воведуваат по скандалот со користењето на апликацијата Сигнал од страна на Хегсет и членови на кабинетот на претседателот Трамп, за чувствителни разговори за воздушните напади во Јемен. Јавноста за ова дозна кога групата по грешка додала новинар на изданието Атлантик. Генералниот инспектор на Пентагон и понатаму го истражува случајот. Истовремено, аналитичарите предупредуваат дека Пентагон станува една од најнетранспарентните институции во администрацијата на Трамп, со сè поголеми рестрикции за медиумите.