Нема потреба за нова лидерска средба, велат од ВМРО-ДПМНЕ по најавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче дека ќе предложи конкретни точки за што би требало да разговараат најголемите политички партии на заеднички состанок. Филипче да не ги користи приликите за да си го крева рејтингот, порачаа од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. „Лидерска средба имаше пред само еден месец и сметаме дека нема потреба за истото. Доколку Филипче сака да си прави средби со своите коалициони партнери може да го напарви тоа со Али Ахмети, со Таравари или со Димче Апасиев, рече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера Филипче од Охрид најави дека во понеделник на Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава во Собранието, ќе предложи агенда со неколку точки поврзани со реформскиот пат и националните интереси, кои според него би требало да се дискутираат на лидерска средба со најголемите политички партии. „Јасни се пораките од ЕУ. Сите укажуваат дека патот по кој треба да се движиме е јасен. Додека чекаме и не правиме ништо, сè што се случува е само губење на време. Младите тоа го гледаат и го доживуваат како дополнителен стимул за побрзо иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа својата иднина во Македонија ако не направиме ништо за да го откочиме евроинтегративниот процес и заеднички да работиме на унапредување на многу сфери во нашата земја, што ќе го направи животот подобар и поквалитетен“ кажа Филипче