Во дигиталната судница во затворот Идризово во Скопје денеска започна судењето за предметот Адитив, во кој има 31 обвинет и пет правни лица, меѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор. Пандов ги повика судиите да ја користат дигиталната судница во Идризово: Може да се суди и за трагедијата во Кочани. Осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист. Ова е второ судење по две години, во судницата која е изградена во 2020 година со донаторски средства. Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, рече дека оваа судница е опремена по европски терк и е соодветна за судења каде има поголем број на обвинети. Ги повика судиите почесто да ја користат, вклучително и за судењето за Кочани, бидејќи за судењата во Идризово не треба да се прават спроводи од затворот, туку се носат директно на судење.
Досега, како што рече тој, судницата не се користела со разни изговори дека не работи техниката – не се исправни компјутерите, климите. „Би сакал да ги охрабрам и да ги повикам сите останати судии, поготово поголемите случаи каде има поголем број на обвинети, во иднина да ја користат. Судницата е во одлична кондиција, ако нешто фалеше сега пред ова судење го поправивме, и пристапниот пат е проширен и се надевам дека во иднина оваа судница многу почесто ќе биде користена“ рече Пандов и најави изградба на нов притворски дел веднаш до судницата. Таму ќе има 420 кревети за 420 осомничени лица и како што појасни, ќе биде идеална за сите судења не само за поголемите судења, со цел да не се прават спроводи од Шутка или од Куманово или од некој друг град до Кривичен, туку веднаш до самата судница ќе биде главниот притвор.
Комитетот за борба против тортура, кој е составен дел на Советот на Европа, не бил задоволен од работата на македонските затвори и од Управата за извршување на санкции поради што им биле замрзнати парите од Банката за обнова и развој. „На 12 јуни ќе има борд на директори на кој ќе донесат одлука првично на година дена како тест период. Во овие 10 месеци тие се задоволни од прогресот што го имаме направено како нова затворска власт“ нагласи Пандов. Тој е убеден дека и по една година ќе продолжи поддршката се додека не се заврши проектот.