Високите надоместоци и провизии за основните банкарски услуги се највисоки во регионот и апелираме до Владата и Собранието да донесат закон за олеснување на граѓаните на пристап до основните банкарски услуги, односно ослободување на граѓаните од плаќање провизии за основните банкарски услуги, како што се помеѓу другите и плаќање на сметки за комунални услуги, велат од Партијата на пензионери.
– Целта е да се овозможи на сите граѓани, а особено на пензионерите и сите други ранливи категории, пристап до основните финансиски услуги без дополнителни трошоци. Тоа значи банките повеќе да не смеат да наплаќаат провизии за основните услуги ако корисникот прима плата, пензија или други редовни примања на својата сметка. Тоа значи дека пензионерите и другите ранливи категории ќе можат без провизија да подигаат готовина на шалтерите и банкоматите на сите банки – се вели во реакцијата. Тие напомнуваат дека во некои земји во регионот банките не наплаќаат надоместоци за отворање, затворање, одржување на платежните сметки, како и за други основни банкарски услуги.