Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска до Собранието поднела Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за Царинска тарифа, со кој предлага да се укиннат царините кон САД. Министерството и владата очекуваат реципрочен однос, т.е. и администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ги намали покачените царини за производи увезувани од Македонијна.
„Со измените предложивме и целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД, односно укинување на царинските стапки за стоките кои доаѓаат во нашата земја од САД. На ваков начин, како што рече, сметаме дека ќе придонесеме за зголемување на конкуренцијата на домашниот пазар, додека во меѓународната трговија со едностраното намалување на царинските стапки праќаме порака за забрзување на процесот на реципроцитет во меѓусебната трговска размена. Америка е стратешки партнер на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект, поради што Владата e пoдготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес“, рече на денешната прес-конференција Димитриеска–Кочоска.
Владата нa последната седница усвои Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за Царинска тарифа со кои се врши и намалување на царинската стапка кај 67 стоки кои се користат во домашната индустрија.
Со измените, од први јули се врши намалување на царинските стапки за 50 отсто на разликата помеѓу нашите постојни царински стапки и царинските стапки за тие стоки во ЕУ. На пример, ако царинската стапка на одредена стока кај нас изнесува 20 отсто, а во ЕУ изнесува 10 отсто, по измени стапката ќе се намали на 15 отсто.
„Истовремено со измените пристапуваме кон целосно усогласување со царинската стапка што се применува во ЕУ за литиум-јонските батерии за складирање електрична енергија во секторот енергетика. Така, од први јули царинската стапка за нив од 15 отсто се намалува на 2,7 отсто со што директно помагаме во енергетскиот сектор. Батериите стануваат клучен елемент во балансирањето на енергијата, системските услуги како и во планирањето на предавањето во мрежа на енергијата од обновливи извори на енергија“, рече Димитриеска – Кочоска.