Од Алијанса за Албанците велат дека расте незадоволството кај здравствените работници во тетовската болница, на кои со години не им се решава проблемот со вработувањето. Оваа состојба, велат дека не само што негативно влијае врз моралот и мотивацијата на здравствените работници, туку сериозно го нарушува и функционирањето на јавниот здравствен систем.
„Бесмислената и понижувачка игра меѓу Владата, поранешниот министер за здравство и директорот на Клиничката болница во Тетово доведе до понатамошна деградација на фигурата на белите мантили. Оваа институционална неодговорност ги деморализира младите здравствени професионалци, кои сѐ почесто бараат начин да ја напуштат земјата, оставајќи ја државата без суштински човечки ресурси.
Неодговорното однесување на поранешниот министер Арбен Таравари, кој во служба на своите лични и групни политики ги остави здравствените работници на улица, го достигна својот врв. Тој ќе се соочи со судот на граѓаните на двојните избори во октомври, каде што отчетноста нема да изостане.
Во меѓувреме, “промената” што ја вети неусогласената и неспособна коалиција Вреди, уште повеќе ја влоши состојбата на овие професионалци, кои денес можеме да ги сретнеме во секоја јавна здравствена установа, без редовен статус и во целосна правна несигурност“ наведуваат од АА.
Од партијата бараат итно свикување на владина седница со единствена точка на дневен ред: итно вработување со решенија на сите здравствени соработници и среден медицински персонал.
„Почнете од Тетово – таму каде што неправдата има најболна форма. Делувајте сега, пред да биде предоцна. Зашто, ако денес ги игнорираме белите мантили, утре ќе ни недостига самата надеж за функционален здравствен систем“ порачаа од Алијанса. Во меѓувреме, медицинскиот персонал во тетовската болница најави протести секој ден, се додека не се реши нивниот проблем. Тие бараат нови договори и исплата на две плати, како и вработување на неопределено.