За разлика од истрагата што ја води кочанското обвинителство и која мораше да заврши што побрзо, бидејќи дел од осомничените се во притвор, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, односно Специјализираното одделение ќе има половина година да работи на тоа дали истрагата ќе се прошири на актуелни полициски началници или ќе остане само на 14-те полицајци за кои се одредени мерки на претпазливост.
Опозициските партии чекаа да бидат објавени 46-те осомничени по завршувањето на истрагата за пожарот во клубот „Пулс“ за да ги соопштат имињата на полицајците за кои постои сомнеж дека биле во дискотеката или постапувале во текот на кобната ноќ, а не се дел од истрагата што се води за трагедијата. И на „Маршот за ангелите“ во саботата семејствата на загинатите беа најгласни пред полициската станица во Кочани и пред кочанското обвинителство, барајќи конкретна одговорност од актуелните челници. Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, пак, за „Слободен печат“ велат дека специјализираното одделение при ОЈОГОКК има шест месеци да ја сработи истрагата, бидејќи „за сите сегашни или поранешни 14 полицајци се одредени мерки за претпазливост“.
Главните изоставени?
СДСМ и Левица спомнаа конкретни имиња – актуелната началничка на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска, која е на функција повеќе од една година, началникот на Одделот за криминалистички работи во Кочани, Томо Донев, кој беше сликан во партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, началникот на СВР Штип, Дејан Салтирски, кој му беше советник на министерот за внатрешни работи во техничката влада, како и сменоводителот во кобната ноќ Драган Петрушев. Левица тврди дека во истрагата, според пријавата, е изоставена главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани, Кристина Јованова, која и покрај фактот дека објектот само неколку месеци пред тоа бил казнет од УЈП поради неиздавање фискални сметки, не презела никакви мерки тој да биде затворен. Салтирски, пак, како што претходно обвини „Левица“, терал вработени во МВР, со бланко потпишани полномоштва да го тужат Министерството за неисплатени додатоци на плата преку адвокатската канцеларија на сегашниот министер Панче Тошковски.