На крајот на мај истече двегодишниот договор што во 2023 година го склучи Град Скопје со превозниците, а до овој момент нема никаква информација, ниту одговор од Град Скопје и од ЈСП дали можеби во меѓувреме е продолжен договорот со трите превозници или тие во моментов возат на „диво“. Утрово жителите на Ченто не можеа да стигнат навреме на работа затоа што автобусите на линиите 45 и 23 останаа паркирани на последната станица до 8 часот. Видно изреволтирани граѓани, кои се пожалија во нашата редакција, посочија дека на нивните забелешки возачите им одговориле дека нема да возат наутро затоа што немале земено плата.
Станува збор за приватни автобуси, си стоеја паркирани и 45-ки и 23-ки и не тргнуваа. Сите што чекавме, задоцнивме на работа затоа што од Ченто доколку се тргне по 8 часот, нема шанса во гужвата да се стигне навреме до централното подрачје. Еден од возачите ни кажа дека решиле да не возат пред 8 часот затоа што не им биле исплатени плати. Значи, од тоа дали ќе земат плати, зависи како ќе функционираме ние. Срамно е ова што се случува, не може вака да си играат со граѓаните кога имаат распоред како да возат – вели жителка на Ченто.
За какви проблеми станува збор овој пат, со оглед дека во изминатите две години многупати се случуваше поради разни причини, а пред сѐ поради нерасчистени прашања и ненавремено плаќање од ЈСП за услугите што ги вршат, приватниците да не возат редовно, до овој момент нема информација. Пред две години, откако шест месеци претходно градоначалничката Данела Арсовска ги прекина договорите со „Слобода превоз“ и со „Макекспрес“ поради, како што соопшти, непочитување на договорни обврски, по неколку неуспешни јавни огласи и договарања и преговарања со приватните превозници, конечно кон крајот на мај 2023 година склучи договор со групацијата од три превозници „Јофи бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“.
Со вклучување на нивните автобуси во сообраќајот, заврши шестмесечното малтретирање на скопјани, кои цела зима мрзнеа по станиците чекајќи автобуси, затоа што услугите ги вршеа само возилата на ЈСП „Скопје“, кои се обидуваа со недоволниот број автобуси да ги „покријат“ и линиите на кои вообичаено сообраќаа приватниците. Но, неколку месеци подоцна повторно се појавија проблеми со приватните автобуси затоа што ЈСП не беше во финансиска кондиција за навреме да им исплаќа за километражата што ја минале по градските улици.
Па, така, минатото лето и есента приватниците возеа како што тие сакаат, само наутро и попладне, а страдаа повторно граѓаните. Тие потоа бараа да им се зголеми цената за изминат километар за да се вратат во редовен сообраќај. Тоа се случи на крајот од декември, откако беа направени пресметки и анализи, па Град Скопје одобри, а Советот изгласа зголемување на цената што требаше да се применува до мај 2025 година.
Всушност, на крајот на мај истече двегодишниот договор што во 2023 година Град Скопје го склучи со превозниците, а до овој момент нема никаква информација, ниту одговор од Град Скопје и од ЈСП дали скопјани повторно ќе се најдат на иста мака, да зависат само од расположливите автобуси на ЈСП. Доколку тоа се случи, граѓаните што користат јавен градски превоз, ги чека долго прежешко лето со нервози во преполни автобуси. Повторно во Скопје нема да има доволно автобуси, а за набавка на нови, кои ги вети премиерот Христијан Мицкоски, сè уште не е распишан ниту тендерот, па веројатно не треба да се очекуваат во наредните две години на градските улици.
Од Градот и од ЈСП досега не одговараат дали можеби во меѓувреме е продолжен договорот со трите превозници или тие во моментов возат на „диво“. И конечно, дали Град Скопје презема нешто за да не им се случи на граѓаните хаос со превозот, особено сега кога е познато дека фокусот на градското раководство е насочено на друга страна. Одговор нема ниту од претставникот на приватните превозници Јовица Зафировски, кој вчера беше недостапен за „Слободен печат“ и не одговори на прашањата доставени до него.