Луѓето кои биле во блиска врска со некој што има изразени нарцисоидни карактеристики ретко минале неповредени. Затоа и се поставува прашањето – што ги направило такви? Во неодамнешна мета-анализа, Меган Вилис, професорка на Факултетот за бихејвиорални и здравствени науки при Австралискиот католички универзитет, заедно со нејзините колеги, собрале податоци од студии што ја испитуваат врската меѓу нарцизмот и стиловите на емоционално поврзување кај возрасни луѓе. Нивните наоди понудиле важни траги, особено кога станува збор за потенцијалните корени на нарцизмот, пишува „Саенс алерт“.
Постојат два главни вида на нарцизам. „Грандиозниот“ нарцизам е она што обично прво ни паѓа на ум и го карактеризира претерана самоувереност, агресивност и доминантно однесување. Спротивно на тоа, „ранливиот“ нарцизам се одликува со интровертност, пречувствителност на критика и одбранбена, несигурна грандиозност зад која стои кревко самопочитување.
Антагонистички особини како чувство на привилегија, манипулација и недостаток на емпатија се во сржта на двата типа нарцизам. Тоа помага да се објаснат меѓучовечките тешкотии што се јавуваат кај луѓе со овие особини.
Ранливиот нарцизам е поврзан со низа штетни однесувања кон другите, особено во емотивни, романтични врски. Личностите со високо ниво на оваа особина имаат тенденција кон „бомбастични“ изјави на љубов, но истовремено и склоност кон барање маани во врската. Често изразуваат незадоволство од врската, додека се попустливи кон неверство.
Корените на емоционалното поврзување со партнери
Истражувачите се свртеле кон проучување на стиловите на поврзување за да објаснат како се однесуваат поединци со висок степен на нарцизам во романтични врски.
Теоријата на поврзување претпоставува дека раните искуства со главните негуватели (најчесто родителите) ги формираат нашите верувања за себе и за другите. Се смета дека тие верувања продолжуваат и во зрелата возраст и влијаат врз тоа како ги доживуваме и одржуваме односите со другите.
Ако како деца сме се чувствувале безбедно, сакано и поддржано, поголема е веројатноста дека ќе имаме позитивен став кон себе и другите – обележје на сигурна поврзаност, која претставува основа за здрави и стабилни врски во зрелоста.Но, кога раните односи биле обележани со занемарување, неконзистентност или злоупотреба, може да дојде до несигурен стил на поврзување. Се разликуваат три вида таква поврзаност:
Преокупирана поврзаност – произлегува од негативен став кон себе и позитивен став кон другите. Лицата со ваков стил често се чувствуваат недостојни за љубов и постојано бараат сигурност, стравувајќи од отфрлање и напуштање.
Одбивна поврзаност – вкоренета во позитивен став кон себе и негативен став кон другите. Овие лица даваат приоритет на независноста пред интимноста, па тешко формираат и одржуваат сериозни врски.
Стравлива поврзаност – вклучува негативен став и кон себе и кон другите. Овие луѓе жеднеат за врска, но истовремено се плашат од неа, што создава динамика на „сакам – не сакам“ или „раскинување – смирување“.
Забележан интересен образец
Во мета-анализата на австралиските научници биле комбинирани резултати од 33 претходни студии, опфаќајќи над 10.000 испитаници, за да се испита како нарцизмот се поврзува со секој од четирите стилови на поврзување кај возрасни.
„Кога ги разгледувавме типовите нарцизам одделно, се појави интересен образец. Ранливиот нарцизам беше доследно поврзан со несигурните стилови – овие луѓе пројавуваа врски полни со страв“, рече професорката Вилис.
Наспроти тоа, грандиозниот нарцизам не покажа таква поврзаност.
Дали тоа значи дека емоционалната поврзаност проследена со постојан страв доведува до ранлив нарцизам? Не нужно.
„Студиите што ги анализиравме беа корелациски, што значи дека испитуваа поврзаност, а не причинско-последична врска. Затоа не можеме да кажеме дека стиловите на поврзување го предизвикуваат ранливиот нарцизам. За такво тврдење би ни требале лонгитудинални истражувања што следат луѓе низ време. Но, нашите наоди укажуваат на тоа дека поврзаност полна со страв и несигурност може да биде важен ризик фактор во развојот на ранлив нарцизам“, додаде професорката.
Кај некои лица, ранливиот нарцизам може да се развие како одбранбен механизам кога раните врски (од детството) биле обележани со несигурност, занемарување или злоупотреба.
Залекување на раните од детството
Стиловите на емоционално поврзување обично се конзистентни во текот на животот. Сепак, промената е можна кај речиси секој човек.
Терапиите фокусирани на поврзаност и емоции можат да им помогнат на поединци да ги залечат раните од младоста и да изградат посигурни модели на односи. Овие пристапи се особено корисни за оние со изразен ранлив нарцизам.
Во исто време, важно е семејствата да имаат пристап до бесплатна и навремена ментална здравствена поддршка, за децата навреме да се соочат со и излекуваат од траумите пред тие да го обликуваат нивниот начин на однесување како возрасни и начинот на кој еден ден ќе бидат родители.
Секако, превенцијата е подобра од лекувањето, нагласува професорката Вилис.
„Поддршката на родителите и старателите во градењето сигурни врски со децата и учењето што значи ефикасно родителство е суштинско. Ова е особено важно имајќи ги предвид високите стапки на злоупотреба на деца во Австралија, вклучувајќи емоционално и физичко насилство, како и занемарување – сето тоа е поврзано со развојот на ранливиот нарцизам“, објаснува професорката Меган Вилис.