Претстојната венчавка на Џеф Безос и Лорен Санчез, закажана за 24 јуни на островот Сан Џорџо Маџоре во Венеција, предизвика негодување кај локалните жители кои го обвинуваат дека „го држи нивниот град како заложник“ со тоа што го нарушува туризмот и има штетно влијание врз животната средина.
Според „Дејли меил“, Безос и Санчез наводно резервирале пет луксузни хотели и ги изнајмиле сите водни таксиња за нивната прослава, што се очекува да предизвика големи толпи и нарушувања во градот. Со најавеното пристигнување на познати личности, политичари и бизнис лидери, локалното население се подготвува за зголемена безбедност, затворање на улици и присуство на полиција – сето тоа во екот на туристичката сезона. Влијанието врз животната средина е исто така од особена важност, со приватните авиони и високите нивоа на емисии на јаглерод.
„Тоа ќе биде огромна мака. Веќе сме исцрпени од многуте проблеми предизвикани од прекумерниот туризам, а сега ова е уште една работа со која мора да се справиме. Го зароби нашиот град“, изјави Франческа, која работи како локален туристички водич, за „Гардијан“.Политичката група „Лабораторио Окупато Морион“ најави протести против Безос, обвинувајќи го дека ја претвора Венеција во „уште едно игралиште за богатите“. На флаер што циркулира на интернет е прикажан Безос на врвот на ракета со натпис: „Нема место за Безос, нема место за олигарси!“
Во летокот исто така се вели: „Од безбедносните прописи, до правото на работа и домување, до одбивањето да се затвори и комерцијализира градот поради свадбата на еден од највлијателните, најбогатите – и најопасните – луѓе во светот“.Портпаролката на групата, Алис Бацоли, истакна дека најавениот протест е само почеток, а поголем е закажан за денот на свадбата. „Безос го отелотворува она против што овој град и глобалните движења се борат со децении – финансиска и технолошка олигархија која ги експлоатира работниците, планетата и контролира цели територии и популации“, рече таа.
Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, кој се соочува со обвиненија за корупција, потврди дека свадбата ќе се одржи, додавајќи: „Работиме заедно со организаторите за да се осигураме дека настанот е целосно во согласност со чувствителноста и уникатноста на нашиот град“.
Активист од групата „Венеција не е Дизниленд“, која се стреми да ги запознае посетителите со вистинската природа на градот, рече дека нивните социјални медиуми биле преплавени со коментари за свадбата. „Минатата година бевме домаќини на папата Франциск. Мислам дека можеме да се справиме со ваква свадба“, заклучи тој.Врската помеѓу Безос (61) и Лорен Санчез (65) привлече внимание уште во 2019 година кога Безос објави дека се разведува од поранешната сопруга Мекензи Скот. Санчез, која има две деца со својот поранешен сопруг Патрик Вајтсел, исто така беше разведена пред свршувачката со Безос.Пред свадбата, Безос наводно финализира обемен предбрачен договор за да го заштити своето богатство, кое се проценува на 220 милијарди долари.