Иако живеењето во Швајцарија носи многу придобивки, од прекрасна природа до силна економија и сигурни работни места, се покажува дека патот до државјанство не е толку едноставен. Имено, откриено е дека еден од критериумите за добивање швајцарско државјанство може да биде и – привлечност. Доколку локалното население процени дека кандидатот не е „доволно интегриран“ или едноставно е премногу „вреден“, апликацијата за државјанство може да биде одбиена, без оглед на исполнетите формални услови, објавува Дејли Меил.
Двапати ѝ е одбиено државјанство на Холанѓанка
Ненси Холтен, жена родена во Холандија која со години живее во Швајцарија, ја искусила оваа необична практика од прва рака. Иако ги исполнила сите законски услови за добивање државјанство, нејзиното барање било одбиено двапати бидејќи локалното население ја сметало за проблематична. Причината? Нејзиното јавно противење на швајцарските традиции. Ненси започна кампања против кравјите ѕвона, нарекувајќи ги премногу гласни и сурови кон животните. Таа, исто така, ги критикуваше трките со свињи, црковните ѕвона и сè што, според нејзино мислење, е непотребен извор на бучава или страдање за животните.
„Само сакав да се вклучам во заштитата на животните. Не сфатив дека овие работи се традиција за многу луѓе. Сега разбирам“, рече таа во интервју за Swiss Info. Поради ваквите изјави, локалната заедница оцени дека Ненси „не се вклопува во швајцарскиот начин на живот“, а нејзиното барање беше одбиено. Подоцна, нејзиниот случај беше разгледан од повисоко ниво на власт, каде што беше заклучено дека нема законска основа за одбивањето, и на крајот ѝ беше доделено државјанство.