Основачот на „Мајкрософт“ и еден од најбогатите луѓе во светот, Бил Гејтс, изјави дека поголемиот дел од своето богатство, кое се проценува на околу 200 милијарди долари, ќе го донира во проекти на подобрување на здравјето и на образованието во Африка во следните две децении, пренесе Би-би-си. Во објава на блог минатиот месец, Гејтс напиша: „Луѓето ќе кажат многу работи за мене кога ќе умрам, но јас сум решен едно од нештата што ќе ги кажам нема да биде: „Тој умре богат“. Сега, зборувајќи во седиштето на Африканската унија во етиопската престолнина Адис Абеба, Гејтс рече дека сака „да го ослободи човечкиот потенцијал преку здравството и образованието“, за да можат сите африкански земји „да тргнат по патот на просперитетот“.
„Тукушто се обврзав да го дадам речиси целото моето богатство во следните 20 години. Поголемиот дел од тоа ќе оди за помош во решавањето на предизвиците овде во Африка“, рече Гејтс, најавувајќи го крајот на неговата фондација до 2045 година. Повик до младите Африканци да развијат вештачка интелигенција за здравствена заштита. Гејтс ги повика африканските иноватори да размислат за развој на вештачка интелигенција за подобрување на здравствените услуги на континентот.
„Африка во голема мера го прескокна класичното банкарство, а сега имате можност, во градењето здравствени системи од следната генерација, да вклучите вештачка интелигенција во нив“, рече Гејтс, посочувајќи ја Руанда како пример за добра практика во употребата на вештачка интелигенција за рано откривање на бремености со висок ризик со помош на ултразвук. Фондацијата Гејтс вели дека нејзините приоритети се спречување на смртни случаи кај мајки и деца што може да се избегнат, искоренување на заразни болести во следната генерација и извлекување на милиони луѓе од сиромаштија.
Граса Машел, поранешната прва дама на Мозамбик, ја поздрави објавата на Бил Гејтс, велејќи дека доаѓа во „момент на криза“. „Сметаме на г-дин Гејтс да продолжи да биде со нас на ова патување на трансформација“, рече таа. Објавата на Гејтс доаѓа во време кога Соединетите Американски Држави, според политиката „Америка на прво место“ на претседателот Доналд Трамп, ја намалуваат помошта за Африка, вклучително и програмите за лекување на ХИВ, предизвикувајќи загриженост за иднината на здравствената заштита на континентот. Гејтс објави дека неговата фондација ќе се фокусира на основната здравствена заштита, особено на исхраната и здравјето на бремените жени и правилната исхрана на децата во првите години од животот, што, вели тој, е клучно за долгорочни резултати.