Македонија останува една од земјите во Европа со најголеми загуби на електрична енергија, а тие минатата година сме ги платиле со 91,3 милиони евра. Операторот на електродистрибутивната мрежа ЕВН Електродистрибуција пријавил уште поголеми загуби минатата година како количество – 876 илјади мегаватчасови, додека една година претходно тие биле помали – 853 илјади мегаватчасови. Иако интенцијата треба да биде намалување на овие загуби, процентот со години се движи нешто над 13 отсто на загубена електрична енергија која е испорачана во мрежата на Електродистрибуција, но не стигнува до крајните потрошувачи, од кои 912.562 приклучни места се водат како домаќинства, додека 11.957 се останати. Самата Електродистрибуција во својот План за намалување на загубите, но и Регулаторната комисија за енергетика во својот објавен извештај за минатата година, меѓу останатото, признаваат дека како нова причина за тоа што не може тие да се намалат се големиот број на новоизградени фотоцентрали.
„Во 2022 и 2023 година има благо зголемување на загубите, а една од причините е зголемување на инсталираниот капацитет на фотоволтаични електроцентрали приклучени на електродистрибутивната мрежа, нерамномерно распределени и сконцентрирани во исти реони, како последица на што постои зголемување на напоните, како и зголемување на техничките загуби во електродистрибутивната мрежа. Во 2024 година загубите во електродистрибутивната мрежа изнесуваа 13,30%, што е благо опаѓање во однос на загубите во електродистрибутивната мрежа во 2023 година кога изнесуваа 13,80%. Ваквиот пад на загубите се должи на зголемениот број на просумери кои што произведената електрична енергија најпрво ја користат за сопствени потреби, а остатокот го предаваат во мрежа“, објави РКЕ.
Просечната цена за набавка на електрична енергија, на сметка на граѓаните, за покривање на загубите во 2024 година изнесувала 103 евра од мегаватчас, и е намалена речиси за 6 отсто во однос на просечната цена за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во 2023 година. Сепак сумата која вкупно сме ја платиле преку сметките за електрична енергија не се разликува многу за една година. Лани таа била 91,3 милиони евра, додека во 2023 изнесувала 94,7 милиони евра, според извештајот на РКЕ. ЕВН Електродистрибуција за покривањето на загубите купувала струја од МЕПСО и од домашната берза, но најголем дел од АД ЕСМ, на кого му се платени 82,6 милиони евра за една година. Сепак, треба да се каже дека и самиот ЕСМ голем дел од струјата што му ја испорачува на ЕВН ја купува од отворениот пазар и од берзата.
А.К.