Бројот на лица кои бараат работа и се пријавуваат во Агенцијата за вработување во Македонија континуирано се намалува. Од почетокот на годинава освен во втори месец кога е забележан благ раст на лицата кои се невработени, секој месец Агенцијата бележи благ пад на невработените. На почетокот на годината имало невработени над 96 илјади граѓани, кои во февруари се зголемиле на над 97 илјади невработени. Во март има ново намалување и тогаш вкупно невработени биле 95 илјади граѓани, а веќе во Април нивниот број се намалил на 94 илјади граѓани кои се невработени. Во групата други лица кои бараат бројките се движат грубо околу 44 илјади низ месеците со благи варијации.
Најголем број од невработените лица се во град Скопје, каде се регистрирани дури 20.102 невработени лица, додека следен град со најмногу невработени е Тетово со 12.127 лица кои се на листата баратели на работа. Потоа следува Куманово со 10.058лица кои се пријавуваат како невработени, па Гостивар со 7.213 невработени лица. На петото место со најмногу невработени граѓани е Струмица каде има 4.569 невработени лица. Бројките покажуваат дека лицата на возраст над 55 години, како и оние над 60 години кои имаат само неколку години до пензионирање најтешко можат да најдат нова работа во случај да станат невработени. Групата на граѓани на возраст меѓу 55 и 59 години е најбројната група меѓу невработените пријавени граѓани во Агенцијата за вработување на Македонија.
Па така според последните податоци за месец април, во оваа категорија имало 13.853 невработени граѓани, а веднаш по нив се лицата над 60 години каде имало 12.771 невработени. Бројките говорат дека иако се намалува вкупниот број на невработени во земјава, најпроблематично е да се најде работа за постарите лица. За споредба пред шест месеци, или во октомври мината година, во групата од 55 до 59 години имало 14.484 невработени лица, додека невработените граѓани над 60 години биле 13.160 невработени лица.
Меѓу групите со поголем број невработени лица се и граѓаните над 50 години. Во групата од 50 до 54 години има 12.041 невработени граѓани, додека пет години помладите или во групата од 45 до 49 години има 11.491 баратели на работа. Граѓани кои бараат работа, а се во групата од 40 до 44 години се вкупно 9.710 лица, додека оние на возраст од 35 до 39 се 9.284 баратели на работа. Уште помалку има во групата од 30 до 35 години, таму невработени се 8.828лица, а следните од 25 до 29 години бројат 8.158. Последни и најмалку на број се лицата на возраст од 20 до 24 години, каде има 7.151невработени, како и групата од 15 до 19 години каде има 1.477невработени, кои разбирливо се најмалку на број поради фактот дека најголем дел се уште се средношколци.
Од друга страна Државниот завод за статистика објави стапката на слободни работни места во првото тримесечје од 2025 година изнесува 2,02 проценти, а најголем број слободни работни места има Североисточниот Регион каде стапката на слободни работни места од 2,78 отсто. Што се однесува пак до сектори кои имаат најголема потреба од работници, тоа е Градежништво каде има највисока стапка на слободни работни места со 3,29 проценти, додека најмала е стапката во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во кој изнесува 0,38 отсто.
П.О.
Фото: МИА