„Венко Филипче е директно одговорен и виновен за набавката на модуларните болници, со лош квалитет и леснозапалив материјал, поради што тетовската, во која животот го загубија 14 луѓе, целосно изгоре за само две минути. Според информациите кои стигнаа до нас, тогашниот министер за здравство, Филипче лично ја подготвил спецификацијата за тендерската постапка, каде што модуларните болници биле набавени како стоки. Лично тој ја дал готовата техничка спецификација во одделот на Министерството за здравство задолжено за спроведување на набавката“ соопштија од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат „Ова го потврдува одговорното лице од Министерството за здравство кое се потпишало на спецификацијата дадена од Филипче лично, во исказ пред Јавното обвинителство. Лицето кое Венко Филипче го назначил за главен и одговорен архитект на сите модуларни, одговорно лице за техничката спецификација и претседател на Комисијата за јавни набавки за 13-те модуларни болници, во исказот вели дека не ја изготвило техничката спецификација, туку само сум ја проследило по налог на министерот, до министерот за труд и социјална политика“.
„На Филипче, очигледно не му требал архитект за модуларните, туку само потписник на неговите матни тендери од кои профитирал провизии, кои чинеа 14 животи. Освен ова, Филипче, противзаконски, без одобрение за поставување и употреба дозволил, со негова лична одлука ги пуштил во употреба модуларната болница во која не смеело да се изведува здравствена дејност. Бидејќи, болниците биле набавени како стоки и нема извештај од надзор, согласно член 74 од Законот за градење, не можеле да се впишат ни во Катастар“ се вели во соопштението. Од партијата повторуваат – „Од сево ова јасно произлегува дека единствениот и најодговорен за смртта на 14 луѓе кои живи изгореа во тетовската модуларна болница е тогашниот министер и сега претседател на СДС, Венко Филипче. Вистината за модуларната болница, јавноста мора да ја дознае, затоа следуваат нови скандалозни детали од Аферата – Провизии кои чинат животи“.