„Повредените во најголемата трагедија која се случи во Кочани, како и нивните семејства, речиси секојдневно алармираат за проблемите со кои се соочуваат во бирократскиот и руиниран систем. Последниот аларм на повредените е поради фактот што истите се оставени без надоместок за време на привремена спреченост за работа поради медицинско лекување, бидејќи немаат шест месеци стаж“ соопштија од партијата Левица.
За Левица велат дека е „скандалозно што Фондот за здравствено осигурување инстантно ги одбил повредените од Кочани, наместо да пристапи кон модул со кои ќе се овозможи законски да им биде исплатен надоместокот. За овие лица како да не се доволни траумите и процесот на закрепнување кој допрва почнува, па дополнително поради инертност на државата, се принудени да се во неизвесност и за својата егзистенција!“.
„Левица неколку пати алармираше дека власта мора итно да одвои финансиска помош за семејствата на настраданите и за повредените пациенти, затоа што информациите кои јавно се обзнануваат се застрашувачки. Сведочиме како мајка на повредени во трагедијата е принудена да ја напушти работата за да се грижи за своите синови, додека од државата нема никаква помош! За помошта кон Кочани редовно одговорите на Владата се паушални и се повикуваат на сметката на Црвен Крст, што пак се средства собрани од донации. Не смее во ваква општествена трагедија помошта да зависи од донации, каде лекови и компресирачки одела повторно се купуваат и обезбедуваат преку донации и добрата волја на поединци. Левица алармира дека Владата предводена од Мицкоски мора итно да интервенира со финансиска помош за семејствата на настраданите и повредените лица во трагедијата во Кочани, кои не смее во ниту еден момент да стравуваат за својата егзистенција. Неопходно е итно да се интервенира законски за на повредените да им се исплати надоместокот за време на привремена спреченост за работа поради медицинско лекување“ е партискиот став.