На предлог на известувачот за Македонија, Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска го одложи гласањето за усвојување на Извештајот за земјава за 24 јуни. Членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на ЕП на денешната седница требаше да гласаат за усвојување на Предлог-извештајот за 2023 и 2024 година за земјава подготвен од австрискиот европратеник Вајц. Извештајот и Томас Вајц, вчера се најдоа на удар од страна на бугарските европратеници, кои на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на ЕП посветена на проширувањето на ЕУ изнесоа сознанија дека Македонија недозволиво влијаела на содржината на извештајот. Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба, изјави дека до европратениците стигнале информации за ненајавени средби на „главниот изготвувач на извештајот“ со македонските власти и за нарушување на правилата за транспарентност на ЕП.
– Се обратив до раководството на Парламентот, со барање да биде запрено усвојувањето на тој документ, да се спроведе истрага и да се утврдат сите факти и состојби, како тоа една земја која е предмет на извештајот има достап до доверливи информации и работи од неговата содржина, со што тој е компромитиран и необјективен – рече Стојанов, додавајќи дека верува оти ЕП ќе реагира на ова и ќе најде излез од ваквата ситуација. Известувачот на ЕП Томас Вајц е обвинет за координација со Скопјe за да се изготви едностран извештај, за прикривање на критични состаноци, за протекување на доверливи нацрти, за маргинализирање на спротивставените гласови и за неисполнување на својата должност како неутрален известувач.