Ирелевантно е дали Арсовска сега „се разбудила“ од тригодишниот сон, поважно е дали во Чаир навистина има криминал со амин на власта. Пишува Соња Крамарска. Веќе неколку дена градоначалничката Данела Арсовска јавно тврди дека има сознанија за криминал во скопската општина Чаир, а од никаде не пристигна демант туку пристигнуваат контраобвинувања и одговор дека има дивоградби и во други општини. Никој не изнесе документи како што изнесе таа, и да каже еве документи дека сѐ е легално и исправно, а градоначалничката лаже. Арсовска го кажува тоа што некогаш некој требало да го каже за Кочани. За небезбедната дискотека, за нелегалниот бизнис со дискотеката, за блискоста на полицијата со газдата, за присуството на малолетници на забавите, за мижењето на градоначалниците, за спрегите на органите со криминалот. Ако сме согласни дека ужасот во Кочани се случи поради молк и нефункционирање на институциите, зошто по таквото мрачно искуство сега има таква рамнодушност кон она што го кажува Арсовска? Ако во Кочани некој навреме зборуваше така како што сега зборува Арсовска за Чаир, можеби немаше да дојде до трагедија од такви размери. Или можеби и во Кочани сите молчеле бидејќи се плашеле дека ќе им кажат дека и во другите градови се такви дискотеките и дека тоа го зборуваат за да и наштетат на власта.
Заклучокот е дека и покрај сите ветувања дадени по фаталниот пожар во Кочани дека ќе има промена на системот, тој остана ист. И понатаму цвета нелегалниот бизнис, орото го водат политичко-криминалните спреги, има селективност во гонењето на злоупотребите, а и понатаму има и недопирливи. Да не беше така, градоначалникот на Чаир досега ќе беше повикан на распит. Луѓето што го истоварија отпадот пред влезот на градската управа Скопје беа снимени со камери, снимката беше пуштена на телевизија и на социјалните мрежи, градоначалникот Висар Ганиу ги предводеше и беше со нив, а никој не доби кривична пријава. Немаше ниту еден ред соопштение од МВР кое е задолжено за јавната безбедност и редот и мирот во државата.
Жешка тема за премиерот
И Мицкоски за темата „врти како киша око крагујевца”. Арсовска да ги однесела доказите во обвинителството. И да пријавела во МВР дека и се закануваат. Бидејќи МВР не знае дека и се закануваат. Инаку Арсовска како прв човек на градот Скопје по службена должност треба да биде заштитена на најмал знак дека и е загрозен животот поради функцијата што ја извршува. Онака како што беше испратен во куќен притвор кавадарчанецот кој на Фејсбук напишал закана против градоначалникот Митко Јанчев. Таа не е во конфликт со чаирскиот градоначалник за бојата на нејзината чанта или за колку сирење треба да се става во бурекот, туку е во конфликт за одбрана на јавниот интерес и на законот. Утре може некој и на премиерот или на министерот за внатрешни работи да им се заканува поради извршувањето на нивните службени должности, па нека чека МВР и тогаш првин пријава од нив па потоа да дејствува.
Ужасно е градоначалник на метрополата, за каков и да го сметаат, низ солзи јавно да каже дека има закани по живот за себе и за семејството, а органите да не преземат ништо. А згора и министерот за внатрешни работи тоа да го нарекува циркус. Тоа само по себе е пример дека системот во нашата држава не функционира, или функционира само кога се поединци во прашање. Но институциите на државата не се ничија сопственост, тие треба да им служат на сите граѓани и функционери, вклучително и на градоначалничката на Скопје. Не може Владата и МВР да бидат за едни мајка а за други маќеа. Конечно, Арсовска изнесе во јавност документи, докази, податоци за тајминг кога се вршени криминалите и кои институции учествувале во нив, а одговорот е: „Тоа таа го зборува оти е врбувана од ДУИ кои сакаат да ја дестабилизираат државата”. Не демант, не негирање, не отфрлање на тврдењата на градоначалничката, не документи на ачик, не тужби за клевета. Туку дека е „врбувана од ДУИ”. Со тоа и МВР и Владата и сами си лепат партиска етикета и дозволувааг да пропадне уште една надеж на граѓаните дека законот и правдата ќе станат реалност во нашата држава.
Прозивките без убедлив одговор
Ирелевантно е дали Арсовска сега „се разбудила“ од тригодишниот сон и дали во изминатите три години беше неуспешна градоначалничка. Да, беше. Но многу е важно документите што таа ги изнесува во јавност и кои од никого не се демантирани, да добијат должно внимание, бидејќи таа не зборува за некоја си далечна земја туку зборува за случувања овде, пред очите на сите нас. Очигледно е дека Мицкоски и Меџити немаат убедлив одговор на тврдењата што ги изнесува Арсовска. И дека чекаат бурата да помине со најмала штета за нив. Меѓутоа случајот Ганиу може да стане тежок камен околу вратот на ВМРО-ДПМНЕ. Техниките на владеење се менуваат и се осовременуваат но некои од нив иако прастари се уште се најефикасни а тоа е дека секој пожар треба да се локализира за да не се прошири. А на власта Чаир и гори и може да и стигне под нозете.
Она што Владата можеби не го знае е дека јавноста е високо сензибилизирана околу случајот за кој говори градоначалничката Арсовска. И дека во зависност од тоа како Владата се справува со тој случај ќе се прекрши кај јавноста впечаток за тоа колку ВМРО-ДПМНЕ е политички зависен од коалицискиот партнер Вреди. И дали се повторува историјата со СДСМ и ДУИ. Најпосле тоа прашање задира и во одржувањето на меѓуетничките односи и хипокризијата што ја носи моќта. Не може за Кочани да лееме солзи, а да се потценува криминалот со згради за домување во Чаир кој има потенцијал да доведе до слична катастрофа. После Чаир нека дојде на ред и Сарај. И склучените договори за советнички услуги во Комунална хигиена со луѓе на ДУИ. Ако има сознанија дека има криминал и таму, камшикот е во рацете на власта која има силна поддршка во парламентот а сѐ уште и во јавноста. Нека влезат соодветните служби, нека го документираат криминалот и нека преземат мерки. Никој нема ништо против тоа. Напротив ќе добијат уште посилна поддршка како што добива сега скопската градоначалничка.
(dw)
Соња Крамарска