На 81-от ден по најголемата катастрофа во поновата македонска историја – пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 63 претежно млади, а повредени беа 193 посетители, претставници на владата преку панел дискусија „Кочани е наш приоритет“ дадоа отчет за сработеното. Портпаролката на владата Марија Митева запрашана дали премиерот Христијан Мицкоски ќе оди во Кочани да се види со семејствата, одговори дека тој веќе се среќавал со дел од нив но на нивно барање тоа не било објавувано. Во поглед на понатамошното лекување и рехабилитација, наспроти пораките што доаѓаат од Кочани, директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски уверува дека македонскиот здравствен систем е подготвен да се грижи за сите повредени во земјава. Планот како што рече, е сите да се лекуваат во Клиниката за пластична хирургија, во ГОБ „8 Септември“ и во Клиниката „Св. Наум Охридски“ а кога станува збор за физикалната терапија, таа да се изведува во кочанската болница. Клековски препорача повредените да се вклучат во третман со плазма зашто дава добар резултат, а тоа го илустрираше со напредокот кај пациентот чии фотографии од изгореници на главата беа објавени од „Сапорт Кочани“.
-Плазмата збогатена со тромбоцити или без тромбоцити се аплицира кај 16 пациенти и тоа е супериорен третман за намалување на лузните и изгорениците и сите повредени ги повикувам, ако имаат дилема или стравување, да се обратат во „Св. Наум Охридски“ или на Клиниката за пластична хирургија. Тоа е најдобриот третман. За пациентот, чија слика беше на социјалните мрежи, со изгореници на главата, како што видовте раните беа чисти без гној и без инфекција. После 1 месец имаме значително подобрување на неговата состојба од овој третман. Сите да ја прифатат оваа можност, рече Клековски. Тој смета дека сите потреби за дополнителната нега на повредените во кочанската болница се обезбедени, а не е проблем што се обезбедуваат и преку донации.
-Некои се набавени од болницата, а други со донација. Компресивните одела се прават по мерка и стручни лица од Бугарија веќе ги зедоа мерките. Оделата ќе пристигнат од понеделник, според информациите што ги добив од болницата во Кочани. За мене не е прашање зошто нешто е преку донации а нешто не е, туку треба се да обезбедиме. Донациите се пофлексибилни и побрзи, дел од овие работи не се регистрирани во Македонија и нема брз начин да стигнат. Не гледам ништо лошо во тоа нешто да се обезбеди со донација, рече директорот на ФЗОМ Клековски. Тој потенцираше дека буџетот на кочанската болница обезбеден од ФЗОМ за 2025 година изнесува 244 милиони денари, а во болницата вработени се 46 доктори и 94 сестри.
-Ова го кажувам за да појаснам дека не е оставена така болницата. Има 2 физијатри, 4 физикални терапевти, покрај лекарите и сестрите, рече директорот на Фондот. Клековски смета дека задоволните пациенти се тивки, а поплаките на оние кои се незадовни побрзо стигнуваат до медиумите. Во врска со текстот на „Слободен печат“ во кој ги истакнавме проблемите со кои се соочуваат дел од повредените во Кочани на кои исплатата на боледувањето не им е одобрена од Фондот зашто пред пожарот немале 6-месечен консекутивен стаж, Клековски рече дека Фондот не е спремен да прави работи надвор од законот.
-Морам да нагласам дека во ФЗОМ нема спремност да правиме работи надвор од законот. Морам да сум дециден дека има 6 повредени кои немаа здравствено осигурување во време на пожарот. Има други 6 каде има проблем со боледувањето зашто никој под 6 месеци работен стаж не може да добие боледување. Единствениот начин е да се смени законот за сите. А не можеме да смениме закон за специфичен случај. Нелогично е ФЗОМ да го крши законот, рече Клековски. Директорот на Фондот нема против за контролни цели пациентите да се видат со докторите во странските болници каде биле третирани. Пет-шест од повредените кои се лекувале во болницата „Пирогов“ во Бугарија барале таму да прават и контроли, кај докторот со кој се поврзале. Дали тоа ќе им биде платено од Фондот, не беше децидно кажано.
-Имаме целосно супериорна подготвеност тука за нивниот болнички третман. Имав идеја доктори од странство да дојдат во Македонија да ја смират јавноста дека се се прави како што треба, рече Клековски. Некои од повредените барале рехабилитацијата да им се врши во Турција, ама Клековски вели – Македонија има капацитет да ја спроведе рехабилитацијата дома. По пожарот во дискотеката „Пулс“, 187 пациенти беа задржани на болничко лекување подолго од 48 часа. Од нив 116 беа во странство, а 71 во Македонија. Починаа 59 лица кобната ноќ на 16 март, а тројца подоцна во странство од кои двајца во Литванија и еден во Србија. Моментално 12 од повредените се на болничко лекување, по двајца во Србија, Грција и Турција, еден во Словенија и петмина во Македонија (тројца на Клиниката за пластична хирургија вратени од Турција и Бугарија и двајца во „Систина“). Од дванаесетмината што се во болница, еден е критичен. Од сите повредени, само едно лице рехабилитацијата ја спроведува во Словенија, што било добра волја на тамошните здравствени власти „пациентот да го изведат до крај“.
Вкупно 16 повредени моментално се подложни на третман со плазма (кој може да биде збогатен или незбогатен со тромбоцити) и тоа шестмина на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и десетмина во „Св. Наум Охридски“. Вкупно 38 повредени на преврски одат во ГОБ „8 Септември“, „Наум Охридски“ во „Систина“ и во Кочани. 46 повредени физикална терапија имаат во кочанската болница, а едно лице во ГОБ „8 Септември“. Досега работната група за мониторинг на напредокот на пациентите оценила 160 од повредените. Ќе бидат вклучени уше 15. Клековски увери дека 15 физијатри и 6 физиотерапевти од клиниката „Козле“ и од ГОБ „8 Септември“ ќе им бидат на располагање на повредените во болницата во Кочани.
-Ова е процес кој нема да има крај. Не е процес што ќе заврши. Седумте лекари во работната група се од различни клиники и учествуваа во приемот на повредените. Знаат во која состојба биле, ќе прават оценки како конзилијарен тим. Потоа за 1-2 месеци ќе има нов круг на постојана контрола на напредокот од страна на пластичен хирург, физикална терапија, пулмолог итн, истакна Клековски. Ивица Томовски директор на Служба за општи и заеднички работи рече дека 21 милиони денари почетно биле одвоени од буџетот за транспорт, придружба и сместување на пациентите кои се лекуваа во странство, поточно за 201 лице бил обезбеден повратен транспорт, хотели и поддршка во процесот на лекување.
-Тоа не значи дека тука завршуваме, остануваме на располагање додека не си ги вратиме назад во Македонија пациентите и да ги излекуваме до крај. Имавме соработка со Црвениот Крст и се придруживме на донаторската сметка, рече Томовски. Директорот на Црвен Крст Саит Саити, информираше дека од вкупно собраните пари на сметката, кон корисниците поврзани со пожарот во Кочани исплатени се 107 милиони 449 илјади 101 денар во 6 наврати. Овие пари се префрлени кон семејствата на починатите, кон 116 повредени лица кои се лекуваа во странство и кон 71 лице кое се лекуваше во државата. Саити рече дека интересот за донирање за Кочани преку сметката на Црвен Крст се намалил, а остануваат 49 милиони денари кои уште не се префрлени зашто тие преостанати пари нема да се исплатат линеарно на сите како до сега, туку лекарите ќе направат проценка и повеќе пари ќе одат кај оние што имаат поголема потреба зашто не сите имаат иста тежина на повредите. Меѓународна ревизорска куќа ќе направи ревизија на конкретната сметка на Црвен Крст со прилииви одливи и начини на исплата, за да добиеме верификација на нашата работа, да останеме отчетни транспарентни, рече Саити.