Русија ноќеска изврши напад со беспилотни летала врз украинскиот град Прилуки, во регионот Чернихив, а украинскиот претседател Володимир Зеленски откри семејна трагедија откако едно од беспилотните летала го збриша семејството на локалниот шеф на противпожарната служба.Зеленски објави дека меѓу петте загинати се сопругата, ќерката и едногодишниот внук на пожарникарот, кој бил вклучен во операцијата за лоцирање на жртвите меѓу урнатините од рускиот напад.
Според украинскиот претседател, ова дете е 632-то дете кое го загубило животот од почетокот на војната во Украина.
„Русија постојано се обидува да добие време за да продолжи со убиствата. Кога не чувствува доволно силна осуда и притисок од светот, повторно убива“, напиша Зеленски во својот пост на Икс, според кој во текот на ноќта, Украина била нападната од 103 беспилотни летала и една балистичка ракета, насочени кон регионите Донецк, Харков, Одеса, Суми, Чернигов, Днепар и Херсон.
„Ова е уште една причина да се воведат максимални санкции и да се изврши заеднички притисок. Очекуваме акција од САД, Европа и од сите што навистина можат да помогнат во промената на овие ужасни услови. Силата е важна, а војната може да заврши само со сила. Москва мора да биде под притисок со сите расположиви средства и постепено да се лиши од својата способност да продолжи со оваа агресивна тактика“, заклучи украинскиот претседател во својот пост.