Товарен брод што превезувал околу 3.000 автомобили, вклучувајќи 800 електрични, се запалил доцна во вторникот навечер во близина на брегот на Алјаска.
Сите 22 морнари на бродот биле безбедно евакуирани откако не можеле да го изгаснат пожарот, соопшти операторот „Зодијак Маритим“.Морнарите се качиле на чамец за спасување, а потоа биле спасени од трговскиот брод „Коско Хелас“, кој брзо се упатил на повикот за помош.Бродот што се запалил, го вее знамето на Либерија и тргнал од Кина на 26 мај со дестинација Мексико. Како што објави компанијата, чадот како да доаѓал од палуба каде што биле натоварени електрични возила. Не е познато која марка автомобили превезувал.Инаку, пожарите предизвикани од електрични автомобили се особено опасни, бидејќи тешко се гаснат и можат повторно да се разгорат со денови.
Крајбрежната стража испрати авиони и брод за да помогнат во ситуацијата, додека уште три брода се веќе на местото на настанот.
Ова не е прв пат да се случи нешто вакво. Во 2022 година, брод што превезуваше 4.000 луксузни автомобили, вклучувајќи „порше“ и „бентли“, потона кај Азорските Острови две недели по пожарот.
Пожарите на бродови за автомобили и контејнери се голем проблем за осигурителните компании. Според „Алијанц комерцијал“, ваквите инциденти достигнаа рекордно ниво во 2024 година. Како што е наведено во извештајот на „Алијанц“ за 2025 година, „ризикот останува висок, поради големината на овие бродови и тешкотијата во управувањето со пожари и спасувачките операции“.