Организаторите на протестот, кој ќе се одржи на 15-ти јуни во Скопје, а за истиот точното време и маршрутата ќе бидат соопштени дополнително, потенцираат дека институциите мора да излезат од вртлогот на беззаконието и да покажат дека се кадарни да ни обезбедат правда и заштита. Се бара изрекување на затворски казни за насилните убијци, кои се закана по безбедноста за цело општество.
-Обвинителството заврши со излагање на доказите во случајот на Феликс. И покрај обемните непобитни докази, вклучително и видеа на кои се гледа свирепото убиство на едно невино суштество — се гледа како убијците го влечкаат врзан со жица за да му го фрлат искршеното тело деформирано од крвничко тепање во контејнер! — на нивните лица во судницата ниту еднаш не се виде грам каење!
Напротив, тие не само што инсистираа дека не се виновни, туку од досега чуеното од одбраната — ќе тврдат дека Феликс „сам си го барал да го убијат“ зашто им извршил нужда пред оградата!!!
Овој стравичен настан не е изолиран! Тој е само уште едно во низата сведоштва за системскиот неуспех во заштитата на животните, за индолентноста на институциите и за отсуството на казни за насилство врз послабите, информираат организаторите на протестот.Додаваат дека кучето Феликс не е прв случај на грозоморно убиство. Јавноста ги памети Идриз, Рекс, Белка, Томи, Мила и илјадници други знајни и незнајни жртви на човековата девијантност и пакост.
-За ниту една од овие жртви не беше изречена затворска казна! Доста е! Време е македонските институции да излезат од вртлогот на беззаконието и да покажат дека се кадарни да ни обезбедат правда и заштита. На насилни убијци местото не им е на слобода! Тие се закана по безбедноста на секој од нас!
Затоа, на 15 јуни (недела) ве повикуваме на мирен, но гласен и масовен протест! Кога едно убиство — најтежок облик на кривично дело — останува неказнето, тоа е тешка повреда на правниот и на моралниот поредок во целото општество. Кога убиец останува на слобода се губи доверба во институциите (полиција, обвинителство, судство), се праќа порака дека животот нема вредност, се поттикнува култура на страв и молчење, наместо правда и одговорност, а насилството се нормализира! Кога нема казна, има повторување!
Правдата не е избор, туку обврска на секое демократско и хумано општество!
Феликс — симбол на добрината, верноста и кроткоста — беше брутално убиен. Феликс не беше само уште едно бездомно куче, не беше само уште една несреќна жртва! Неговото убиство не смее да помине неказнето! Правдата не дискриминира по вид, тежина, крзно или опашка. Живот е живот! Судот мора да изрече затворска казна ако сакаме и најмал зрак на надеж дека слични дела нема да се повторуваат во иднина, порачаа од Зелен хуман град и останатите здруженија и групи за заштита на животните кои доаѓаат од голем број на градови од земјата.