Русија ја обвини Украина за одложување на размената на затвореници и загинати војници, која требаше да се одржи викендов врз основа на договорот постигнат во втората рунда руско-украински преговори во Истанбул, Турција. Според главниот руски преговарач, Владимир Медински, украинската страна неочекувано го одложи прифаќањето на телата на загинатите и размената на воени заробеници на неодредено време. Таа размена беше единствениот резултат од втората рунда руско-украински директни разговори во понеделник, кога двете страни се согласија да разменуваат сите тешко ранети или болни воени заробеници, како и лица под 25 години. Главниот руски преговарач, Владимир Медински, преку Телеграм ја повика Украина да ги преземе телата на 6.000 украински војници и увери дека телата на 1.212 украински војници веќе се донесени на местото на размена, на руско-украинската граница.
„Од непознати причини, (украинскиот) тим преговарачи дури и не дојде на местото на размена“, рече тој. Медински додаде дека, покрај тоа, на Украина ѝ е предаден првиот список од 640 воени заробеници од категориите ранети, тешко болни или млади со цел да се започне размената. Двете страни веќе разменија околу 1.000 луѓе од секоја страна, војници и цивили, по првата рунда директни преговори во Истанбул што се одржа во мај. Сепак, двете земји се далеку од примирје или трајно решение на конфликтот, проценува агенцијата Франс Прес.