Жителите и туристите на Халкидики останаа загрижени по земјотресот со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала што попладнето ја погоди Света Гора и се почувствува низ целиот регион. Халкидики, познат како сеизмички тивок полуостров, минатата година доживеа последователни сеизмички активности, токму на подрачјето на Света Гора. Притоа, во сеизмичката серија дури три земјотреси биле со јачина поголема од четири степени според Рихтеровата скала. Сеизмолозите внимателно ја следат појавата уште од минатото лето, а според информациите што ги пренесуваат грчките медиуми, причината лежи во активирањето на раседите на западниот брег на Света Гора. Имаше и различни проценки за неговата должина.
Првично имаше информации за должина на расед од четири до пет километри, но истражувањата на подрачјето, земјотресите и низа други податоци, доведоа до заклучок дека раседот е поголем и е близу 10 километри, што ги загрижи експертите. Овој расед се наоѓа на западниот брег на Света Гора на патот од Уранополис до Дафне, во морската област помеѓу вториот и третиот прст на Халкидики. По денешниот земјотрес со јачина од 5,3 степени, областа ја погоди уште еден земјотрес со проценета магнитуда од 3,8 степени според Рихтеровата скала.