Во две локални самоуправи во Србија денеска се одржуваат избори што се толкува како прв изборен тест за власта откако студентските блокади на факултетите и протести почнаа во ноември лани поради смртта на 16 лица кога се урна бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад, јави дописникот на МИА. Гласачките места беа отворени утрово во 7 часот во Косјериќ, во западниот дел од Србија, и во Заечар, на исток во државата, и ќе бидат затворени во 20 часот. Во Заечар, граѓаните избираат 50 членови на Градското собрание, а во Косјериќ 27 членови на Општинското собрание. Во Заечар се натпреваруваат осум изборни листи, а во Косјериќ три.
Во Косјериќ, на изборите се пријавени: „Не ја даваме Србија – Александар Вучиќ“, „Руска партија – Србија во БРИКС, Слободан Николиќ“ и „Обединети за Косјериќ“. На изборите во Заечар учествуваат листите „Не ја даваме Србија – Александар Вучиќ“, „Промена во која веруваме Угљеша Ѓуричковиќ Драгана Рашиќ“ и „Обединети за спас на Зајечар Мирко Јеленковиќ Миладин Крстиќ“. Објавени се листите „Д-р Ненад Ристовиќ – Домаќински за Заечар“, листата „Ивица Дачиќ – СПС – одлучно за Заечар“ и малцинската листа „Коалиција за Источна Србија – Саша Радуловиќ Грљанац“. Тука се и списоците „Ние силата на народот – проф. др Бранимир Несторовиќ – Град Заечар“ и „Српски либерали – Да се праша професијата – Владимир Ковачевиќ“.
Републичката изборна комисија објави дека на територијата на Заечар има 47.357 гласачи за избор на советници на Градското собрание, додека во Косјериќ има 8.898. Предизборната кампања во Косјериќ и Заечар беше обележана и со инциденти, како судири меѓу поддржувачите на владата и опозицијата, така и напади врз новинарски екипи. По објавувањето на редовните локални избори, студентите во блокада од Косјериќ ги повикаа сите политички организации, групи граѓани, како и непартиски поединци „кои можат да придонесат со својата искреност и интегритет“, да настапат заедно. Повеќето од опозициските партии одговорија на студентскиот повик. Формирана е единствена листа, без партиски обележја, наречена „Обединети за Косјериќ“.
За разлика од Косјериќ, во Заечар опозицијата не постигна договор за заедничко учество на изборите.
Во двете локални самоуправи, на власт е Српската напредна странка, која ја држи и власта на републичко ниво. Предизборниот молк започна во четвртокот на полноќ и ќе трае до затворањето на избирачките места, во кое време е забрането претставувањето и промоција на учесниците на изборите на јавни собири и во медиумите, како и оценувањето на резултатите од изборите. Според Законот за локални избори, член 59, изборната комисија усвојува и објавува сеопфатен извештај за резултатите од локалните избори во рок од 96 часа од затворањето на избирачките места. На 13 април, претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, ги распиша изборите за советници на Градското собрание на Заечар и Општинското собрание на Косјериќ. Претходните локални избори во Заечар и Косјериќ се одржаа на 28 март 2021 година, а избраните собранија на овие локални самоуправи беа конституирани на 28 мај истата година.